Србија започна со поставување жичана ограда на границата со Македонија во близина на Прешево со цел да ги спречи илегалното навлегување на мигранти на нејзината територија. Надлежните српски органи потврдија дека изградбата на жичаната ограда е дел од договорот со Европската унија за дополнително обезбедување на границите на државите надвор од ЕУ од бегалците. Според податоците, објавени од српскиот Комесаријат за бегалци на 20 јуни, во Србија има околу 4.800 лица во 18 центри за азил и прием.
Познато е, преминувањето на српско-македонската граница е главната цел на бројните мигранти кои во овој период, како и во изминативе години, навлегуваат од Грција во Македонија. Случаите на илегално навлегувања се се почести, а за нив придонесуваат и веќе разработени шверцерски канали во Грција, Македонија и Србија. Македонската полиција во изминативе месеци откри и сопре бројни возила во кои шверцери превезуваа на стотици мигранти од гевгелелискиот регион кон српската граница во липковско-кумановскиот регион. Само во јули годинава откриени се 12 случаи на шверц на 567 мигранти. Но, експертите проценуваат дека бројот на неоткриените случаеви е за трипати поголем од запрените.
Сето ова го отвора прашањето што ќе се случи откако на српската граница ќе се заврши оградата и со што ќе се оневозможат илегалните навлегувања во Србија? Односно, дали македонските власти имаат план и стратегија што ќе се случува во ситуација ако продолжи навлегувањето на мигрантите од Грција во наша земја, а тие потоа нема да може да влезат во Србија? Во таква ситуација, лесно може да се случи мигрантите да почнат да се задржуваат во Македонија, а со тоа и проблемите ќе се зголемуваат.
Очигледно е дека како прва реакција и нашата држава треба поревносно да спречува навлегување на мигранти од Грција.