Србија пак не спасува: викендов стотици Македонци одат во Врање на вакцинирирање, Македонија пак е во криза

И пак викендов, односно денеска и утре, Македонци патуваат во Врање за да се вакцинираат. Официјално, како што соопштуваат организаторите, односно Српскиот културно-информативен центар „Спона“, околу 800 граѓани се пријавиле. Но, има и такви кои и сами се организирале да заминат, бидејќи се информирале дека ќе бидат услужени.

Она што исто така ги мотивирало Македонците да заминат за Србија е можноста да бираат дали ќе се вакцинираат со „Фајзер“, „Синофарм“, „АстраЗенека“ и „Спутник В“, како што објави весникот „Блиц“. Додека во Македонија нема период кога вакцинацијата не е во криза: дали заради доцниот почеток на набавка, дали заради доцното стигнување, или пак фактот што наеднаш се купија доста од типот „Астра зенека“ за кои брзо потоа министерот Венко Филипче одлучи да не се вбризгуваат кај помлади од 60 години оти така решија во некои европски земји… Причини безброј за тежок процес на имунизирање во Македонија, што доведе до илјадници изгубени животи и стекнување на имунитет по природен пат. За тоа време, „среќа што имаме сосед како Србија“ коментираат граѓанире кои и во првиот бран на вакцинирање побрзаа да заминат во Белград, Врање или Ниш.

На веб-страницата за ревакцинација, која неодамна беше отворена, се пријавиле околу илјада граѓани за ревакцинација во Србија, а претпоставката е дека се вакцинирани околу 20.000 македонски државјани. На автопатот Коридор 10, во близина на граничниот премин Табановце, беше поставен билборд – „Благодарам Србија“ – заради донациите на вакцини против вирусот Ковид 19 за Македонија. Билборди порано беа поставени и во Врање.

Македонија, во меѓувреме, освен на кинеските вакцини, се надева и на донации од Грција и Бугарија.

Претходна вестРускиот амбасадор за вакцините: Ќе дојдат во блиска иднина, толку знам
Следна вестДо 25 јуни трае конкурсот за најдобра необјавена песна „Празник на липите 2021“