Средувањето на кејот кај ГТЦ сигурно ќе им биде итно и во идната изборна програма

Шеталиште, кое е и улица и див паркинг и…

Просторот помеѓу ГТЦ и реката Вардар и понатаму се нарекува – кеј. А, всушност, тоа е и улица и кеј и растурена калдрма и место за многу тераси на кафеани и нелегален паркинг на возила…

Ако земеш таму да прошеташ, прво мора да внимаваш да не се сопнеш од расклиманите, изместените и искршените плочки, ама со едно око и да гледаш да не те згази некое возило иако пред се треба да е пешачка зона. Така е веќе со години, откако во 2012-та година тогашните власти на скопската општина Центар тука дозволија да се направи улицата по која ќе поминуваат и автомобили. Проблемот постои со години, им пречи како на граѓаните, возачите така и на угостителите чии објекти се во непосредна близина на импровизираната улица и чии гости се изложени на прашина, автомобилски чад….

Ако од  постарите скопјани некогаш слушавме како Кејот бил најубавото  шеталиште, денеска од тоа имаме само носталгија, сега автомобилите имаат предност, додека пешаците и велосипедистите се тотално на страна. Самите плочки од движењето на автомобилите и камионите за достава на роба се изместени и пропаднати и се потенцијална опасност. При дожд, добро си поминал ако плочката на која згазнуваш не мрда зашто ќе завршиш испрскан. Ова треба да се смени, тука треба целосно затворање на улицата, повлекување на летните тераси од кафаните или барем делумно и убаво хортикултурно, партерно уредување со зеленило, зошто во Скопје тоа е дефицитарно. Ни фали зеленило да се нагледаме, ни вели скопјанецот Атанасиј Петар Карадакоски.

Мислењето на овој скопјанец не е осамено меѓу граѓаните кои паметат колку била убава оваа зона од градот наменета исклучиво за пешаците. Сега не само што е дозволена за движење на доставни возила туку е секојдневно претворена и во паркинг на возилата кои го користат секој дел од слободниот простор. Претходно, планот беше тука да се направи подземна сообраќајница, но тогашните општински власти се откажаа од таа идеја со што и ги намалија финансиските трошоци на фирмата која се здоби со правото да отвори сообраќајница. Заради сето тоа брзо се случи травертинската патека да пропаѓ,а а сето ова време никој не ја одржува и поправа. Надеж дека нешто ќе се смени се јави пред две години кога самошто избраниот скопски градоначалник Петре Шилегов вети дека ќе стави крај на злоупотребата на кејот и ќе воведе ред во користењето на овој простор.  Односно дека заедно со општина Центар ќе го направат „слободен, широк и сечиј. Но, ова ветување се уште чека да биде исполнето.

-Таа улица требаше да е само за пешаци уште од првиот ден на мандатот на Шилегов, но како и многу други негови ветувања и ова остана неостварено. Скопје последниве години буквално се гуши само во себе најмногу благодарејќи на автомобилите. И кога има и најмала можност некоја улица или дел останат само за пешаци тоа мора да се изврши час поскоро, за доброто на сите нас. Дај Боже да грешам, но не очекувам исполнување на ова ветување, Кејот 13 Ноември ќе остане хаос каков што е во моментот, но сигурен сум неговото решавање ќе биде дел од некоја идна предизборна кампања, ни рече скопјанецот Димитар Почевски.

Градските и општинските власти немаат дадено нова најава дека ќе се средува овој дел од градот. Дали важи уште старата?

За што служи рампата?

Кој посака може да си се вози по кејот. Има некаква рампа поставено на почетокот, ама ако имаше ред и правила немаше да може кејот да се претвори во паркинг и фреквентна улица, ни прокоментира жителка во зградите кои се во склопот на ГТЦ.