Среќа наша e што Преспанското езеро не може да зборува

Не се презема ништо за подобрување на состојбата со Преспанското езеро. Пред три години беше формирана комисија која ке се занимава со проблематиката, но од тоа ништо исто како што е и со договорите со Грција и Албанија. За лошата состојба на езерото битни се фактор природа и фактор човек. Природата не можеме да ја менуваме, но може да се менува однесувањето на луѓето и надлежните, ни вели Митко Тасевски

Погледите на жителите од преспанскиот регион често се свртени кон падините на Галичица и на Пелистер. Се надеваат дека снегот наскоро ќе почне да се топи, ќе помогне да се зголеми нивото на Преспанското езеро. Така е со години. Се чека природата да помогне… оти езерото исчезнува.

Во споредба со лани, во овој период нивото е спуштено за некаде 15 до 20 сантиметри. Гледам дека има доста снег на Галичица и Пелистер што дава надеж дека водостојот ќе се зголеми донекаде, ни вели Митко Тасевски, од Царев Двор.

Тој е само еден од многумината загрижени за опстанокот на ова прекрасно езеро на кое му се заканува изчезнување. За само дваесетина години нивото му опадна за околу десетина метри, а тоа снемувањето вода продолжува. Прават ли нешто поконкретно надлежните институции?

-Во овој период не се презема ништо за подобрување на состојбата. Пред три години беше формирана комисија која ке се занимава со проблематиката, но од тоа ништо исто како што е и со договорите со Грција и Албанија. За лошата состојба на езерото битни се фактор природа и фактор човек. Природата не можеме да ја менуваме, но може да се менува однесувањето на луѓето и надлежните, ни вели Тасевски.

Лани во јуни имаше состанок на претставниците на Македонија, Грција и Албанија на кој се договараа за начинот на кој ќе соработуваат во заштитата на заедничкото езеро. Министрите за животна средина изразија силна желба, определија членови во заедничката група, од претставникот на ЕУ беше најавена и финансиска помош од 18 милиони евра, но се уште се чека на конкретни активности… Инаку, меѓудржавен Договор за заштита на Паркот Преспа е потпишан и во 2010 година…

И така, езерото страда, страдаат и луѓето кои живеат во тој регион. Некогашниот туристички сјај на Македонија одамна е темнина. Поранешните плажи во најголем дел се претворени во кал, а пропаѓа и најголем дел од поранешните бројни хотелски и угостителски објекти. Објектите какви што се хотел Европа, со се делот хотел Југославија во Отешево, хотел на бивша шеќерана, бунгалови на пропаднати ју – претпријатија  во Асамати, Претор, сместувачки комплекси на македонски железници, детското одморалиште „Мите Богоевски“ во Претор и уште десетина други одморалишта се оставени да пропаѓаат.

– Напуштените хотели и други туристички субјекти, кои во минатото биле репрезенти на убавата Преспа, се уште се оставени на милост и немилост на администрација и бирократија. Повеќето од нив се со нерасчистени имотно правни постапки но и немањето на урбанистички планови за крајбрежјето на Преспа, ни вели Марија Евтимовска од граѓанското здружение „Еко герила Преспа“.

Но, сето ова, и враќањето на водостојот и враќањето на туристите се уште чекаат. Решенијата, за жал, не се ниту на повидок. Среќа наша е што Преспанско езеро не може да зборува, тешко ќе биде да се слуша што мисли за многуте планови со кои го „спасуваат“.

Довод на вода од бунари на Бигла и Пелистер?

 Во јавноста се уште нема никакви информации околу тоа дали Преспанското езеро би можело да се спаси по примерот на Дојранското езеро, со доведување на нови води.

– Комисијата која беше формирана имаше предлог да се направат бунари на Бигла и Пелистер и водата по речните корита кои, за жал, скоро не се исчистени да се влива во Преспанско езеро. Но, и од сето тоа нема ништо, вели Митко Тасевски.

Претходна вестНа Скопска Црна Гора ќе се засадат 3.200 садници, ќе се сочуват ли од бесправната сеча?
Следна вестПо скопските улици возеле 39 пијани возачи