Српскиот патријарх Порфириј му го врачи Томосот за автокефалност на на МПЦ-ОА на архиепископот г.г. Стефан

Патријарх на Српската православна црква Порфириј денеска го врачи Томосот за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на архиепископот г.г. Стефан. На заедничката архиерејска литургија во Соборниот храм во Белград учествуваа повеќе владици од двете цркви.

Во информациите што ги објавуваат белградските медиуми се наведува дека српскиот патријарх во своето обраќање рече дека се создадени условите Охридската архиепископија да биде самостојна црква. Радио – телевизија Србија објави дека патријарх истакна дека е радосен заради тоа што на автокефалноста на Македонската православна црква „се радуваат и Срби и Македонци во Северна Македонија“.

Во веста на белградски „Новости“ се наведува дека патријархот Порфириј го потенцирал единството на двете цркви.

-Денеска имаме прилика да го овенчаме тоа што веќе постои меѓу нас а тоа е единство. Тоа единство во еден период беше нарушено. Македонска црква, Охридска архиепископија има не само услови туку и потреба да се организира во контекст на православна црква, да се испостави дека тоа е најдобар можен начин и метод на живеење на нашите православни браќа и сестри во Северна Македонија. Заради тоа што веќе го реализиравме служењето на литургијата во Скопје, денеска чувствуваме јавно и пред сите со овој документ кој се нарекува Томос, тоа и да го обзнаниме, рече српскиот патријарх Порфириј.

Тој и препорачал на МПЦ сега да го најде соодветно име.

Белградски медиуми наведуваат и тоа дека патријархот Порфириј рекол дека црквата не може да биде и дека не е оружје за остварување на некои други цели. Според него, оваа одлука нема да влијае на други канонски подрачја на СПЦ бидејќи условите во Северна Македонија се поинакви отколку во другите делови на СПЦ.

Српската агенција Бета објави дека во томосот пишува дека се определува полна автокефалност а се однесува и на матичната земја во која делува МПЦ-ОА, како и на дијспората и дека документот ќе им биде доставен и на останати православни цркви/

Во веста што утринава ја објави телевизијата Храм се наведува дека во литургијата учествуваат митрополитот Петар, Тимотеј Агатангел, Пимен, Јосиф, Климент и Григориј, а од страна на СПЦ, епископоите Фотиј, Давид, Стефан, Јеротиј, Јустин, Нектариј, Иринеј Буловиќ, Сава, и пензионираниот Георгиј.

Според текстот на ТВ. Храм во Белград не се само, владиците Наум, Иларион, Методиј, Јаков и Партениј.

Познато е, Соборот на СПЦ неодамна реши да ја одобри и признае автокефалноста на МПЦ-ОА. После првата заедничка литургија на МПЦ и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј, на 24 мај во Скопје ја соопшти одлуката на Саборот кој „едногласно и еднодушно излегол во пресрет на молбата на МПЦ-ОА“ и ја признал нејзината автокефалност.

Претходна вестСДСМ: Само очајни политичари како Мицкоски газат државни позиции во спорот со Бугарија
Следна вестВо четири сообраќајки повредени четворица мотоциклисти и една сопатничка