ССМ достави амандман за измени на ребалансот со кој бара зголемување на платите за 2.806 денари

Предлог-амандман за измени и дополнувања на Буџетот за 2022 година со кој бара да се обезбедат финансиски средства за исплата на 2.806 денари за вработените во јавниот сектор, поднесе денеска Сојузот на синдикати на Македонија. Синдикалците очекуваат тој да биде поддржан од сите пратеници особено од партијата која ги прозва да поднесат предлог за обезбедување на финансиски средства за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор.

– Сојузот на синдикатите на Македонија денеска до пратениците достави предлог со амандман со кој бара измена и дополнување на буџетот односно предвидување на средстава со кои основната нето плата на вработените во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и – институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, армијата, полицијата како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје да се зголеми за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година сметано од 01.07.2022 година со ребалансот на буџетот, информира ССМ.

Доколку пратениците не дадат поддршка, од ССМ велат дека како единствена опција останува да ја реализираат најавата за генерален штрајк на 22 овој месец.

Ваквиот чекор на ССМ уследи откако по презентацијата на ребалансот на Буџетот видоа дека нема планирано средства за линеарно зголемување во јавниот сектор, како што им било ветено за време на преговорите. По ова, ССМ имаше една средба во Владата, но таа заврши без договор, а вицепремиерот за економски прашања најави нова средба во текот на оваа недела.

Претходна вестВикендот донесе 135 нови случаеви на Ковид – 19
Следна вестСончево со мала облачност, попладне дожд, грмежи и ветер