Уникатната Матка, чија пештера е во светски најпровокативните локации за истражување и посета, изгледа станува Тексас. Матка се повеќе ја има во билтените на МВР како локација каде се случуваат престрелки, што се повеќе, полека но сигурно, ја вбројува во небезбедните места за посета.
Имено вчера попладне истрели од огнено оружје ги вонземириле жителите на селото Долна Матка. Анонимен лик пријавил дека во селото во близина на полициското одделение Сарај, на кејот на реката Треска засега непознати лица пукале со огнено оружје. Полицијата констатирала дека било пукано во непознат правец, по што сторителите со возило со непознати регистарски таблички заминале.
Според информациите од полицијата на лице место пронајдени се 6-7 чаури кои ќе бидат предадени на понатамошно вештачење. Кои се и што се сторителите засега е непознато.
Матка беше топ тема и во мај. Наместо по врвните природни богатства, повторно заради пукање и тепачка. Тогаш тројца се степаа и пукаа заради чамците кои ги возат туристите кон локацијата Пештера. Од МВР тогаш објаснија дека М.С. со уште неколку физички лица ги нападнал лицата А.С. и А.С, а во расправијата бил испукан и истрел од огнено оружје. Тогаш полицијата никого не приведе.
Во меѓувреме Матка останува да биде актуелна и заради нелегално изградените платформи на кафулињата од каде практично почнува турата кон Пештера. По долги месеци натегања меѓу градоначалниците и министерството за транспорт и врски кој е виновен и кој треба да ги урне платформите, истите не само што останаа, туку работат со полна пареа и се одличен извор на пари за нивните газди.