Старата чаршија ќе ја направам општина Стари град

Пензионираниот дипломат и писател Стево Симски ни одговара на прашањето- кои три работи прво би ги направиле ако е градоначалник на Центар.

1. Грижата за Чаршијата во еснафски раце

Сегашната грижа за Старата чаршија не е адекватна и јас би и го сменил статусот во посебна општина Стари град. Би имала специфично уредување, на чело со совет или Собрание составено од дуќанџии и надворешни членови. Секако, би се водела сметка за етничка и еснафска застапеност. Претседателот би можел да биде од редот на дуќанџиите кои се присутни во чаршијата повеќе од три децении. Вакви форми не се реткост во градови кои имаат чаршии. Тие би се грижеле за правилен развој и унапредување на Старата чаршија бидејќи самите имаат најголем интерес.

2. Пешачка зона во центарот

Тоа е ветување кое често се наведува во изборните кампањи а досега не е реализирано. Јас би го остварил тоа бидејќи може да се најде решение за изместување на сообраќајот од центарот. Ова е потребно бидејќи улицата и плоштадот „Македонија“ не се доволни како пешачки зони.

3. Тастери на семафорите

На повеќе сообраќајници во градот има семафори кои се класични и заради кои сообраќајот некогаш запира на црвено светло иако нема пешаци на пешачките премини. Тоа може да се смени ако се вградат тастери за пешаците на семафорите. Така, возилата би запирале само тогаш кога ќе има пешаци кои сакаат да поминат преку улица. Тоа е лесно изводливо и не е скапа инвестиција.