Старата чаршија полека се распаѓа, цврста е само старата навика на властите да не им е гајле за тоа

Има туристи кои специјално доаѓаат во Скопје за да ја видат Старата чаршија. Но, тие не знаат дека кога ќе дојдат ќе видат дека влезот во неа полека се губи – го снемува. Прво преминот од плоштадот пред црквата Св. Димитрија кон чаршијата е крајно неуреден и е претворен во паркинг. За да поминеш, треба да се протнуваш меѓу возила. Второ, на скалите кај Даут-пашиниот амам туристите и сите други граѓани ги пречекуваат импровизираните тезги кои се распослани баш насекаде. Некој продава семки, некој наочари, некој на масиче ситно сецка зелка и покажува колку се добри ножевите кои се нудат на продажба…. Веќе тука мора да почне да се внимава како се оди зошто има многу дупки поради извадените плочи, а така е со месеци…

За жал, ова е влезот во една од најубавите стари чаршии на Балканот. Туристот веќе при првите чекори гледа и чувствува дека оваа знаменитост го губи својот лик и автентичност. Ние скопјани, тоа одамна го гледаме, јасно ни е дека на градските власти им е поважно каде и кога ќе се градат висококатници.

– Често одам во Чаршијата, оти таа е највредниот дел од градот, место кое ги спојува минатото и сегашноста. Како сега изгледа тој „спој“ може да се види најдобро ако се помине по споредните улички. Таму ќе најдете нерамни плочки, напуштени и паднати куќи за кои никој не се грижи, отпадоци…. Ако остане вака уште малку и нема да имаме со што да се гордееме, потенцира скопјанецот Зоран Талевски.

Левата патека од влезот, која по скалите води нагоре кон црквата „Свети Спас“, е речиси затворена од поставените маси од кафулињата од двете страни. Минувачите едвај се разминуваат и се допираат до масите каде седат гостите. Од црквата, една од споредните патеки која води надолу почнува со остатоци на урната куќа која така стои со години. Во улицата „Ќурчиска“, која е една од споредните, веќе ни ги кажуваат поплаките.

-Плочките од патеката со години се изместени и никој не ги поправа. Всушност, откако се поставени во бившо југословенско време не се обновени. Имаме мака и со комшиите. Ете, тој на почетокот на улицата ставил повеќе маси и столчиња за својот ресторан. Ни го затворил влезот во улицата. Користат луѓе партиски врски што ги имаат. Му велам: Добро бре, комшија, ни го загради влезот, како ќе работиме ние. А, тој ми рече: Морам и јас да заработувам, ни објасни еден од еснафлиите во оваа уличка.

Две паднати и опожарени куќи никој не ги обновува – таму сега се трупаат отпадоци. Блиску до свртувалиштето кон комплексот на Музеи на Македонија стојат остатоци од фрлени прозорци, а лимените тараби кои одвај се крепат оградуваат остатоци од уште една урнатина.

-Не ми е јасно зошто ова вака е оставено, зарем нема кој да го уреди и овој дел. Се е оставено да пропаѓа, ни вели една туристка.

Бара со застоена вода наоѓаме во „Ковачка улица“. По миризбата се чувствува дека одамна е тука.

-Две години пријавувам во „Водовод и канализација“ да го средат вентилот од малата шахта оти тој ја испушта водата, но никој не доаѓа. Лошо мириса, луѓето не сакаат да влезат во дуќаните, почнаа да ја заобиколуваат улицата. Да не зборам за тоа дека тротоарот не е е обвновен воопшто до сега, ни се жали Мемет Зекиров, кој во ковачката работилница „Уран“ во Чаршијата работи веќе 38 години.

Најлоша состојба затекнавме во самото срце на Чаршијата, во Капан ан, објект стар повеќе од 500 години. Куп ѓубре во центарот на објектот на голата земја ја дочека и група на туристи. И во ќошот на горниот кат имаше куп отпадоци на горниот кат, а отпадна железарија пред самиот влез на седиштето на канцеларијата на Здружението на еснафи која беше затворена. Пред распаѓање се и олуците, ќерамидите…

-Тука нема ни струја, мислам дека само во кафеаната и уште една просторија има струја… Никој не доаѓа ниту да чисти тука, ниту да го држува објектот. Се полошо е и полошо за објект со кој се гордее целата Чаршија. Што уште треба да, ни вели еден еснафлија…

Целиот текст може да ги прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО