Бесплатен превоз со закажување е обезбеден за старите лица, лица со попреченост како и оние на кои имаат потреба од придружник, а кои живеат на подрачјето на Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и секретарот на Црвен крст на Град Скопје Сузана Тунева – Пауновска денеска потпишаа договор со кој се обезбедува ваков превоз до соодветна институција за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга.
– Транспортот се врши во работни денови од понеделник до петок од 08:00 до 16:00 часот и се закажува 24 часа однапред. Притоа, Општина Кисела Вода ги обезбеди финансиските средства за услугата, а Црвениот Крст на користење ги става своите возила и човечките ресурси. Како локална самоуправа континуирано покажуваме дека се грижиме повозрасните лица да имаат поквалитетни и подобри услови за живеење, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Корисникот со живеалиште во општина Кисела Вода, кој има потреба од превоз, може да се јави на телефонскиот број 02/15330, во Контакт центарот на Црвениот крст, секој ден во текот на 24 часа, преку кој однапред би го закажал својот термин за превоз до одредена институција, по принципот на временски редослед на закажување. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација, и назад. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред, по принципот на прв дојден-прв услужен. Едно лице има право на бесплатен превоз во еден правец максимум 4 пати во текот на 1 година.