Старскиот дом, базените, кејот на Вардар… дремат во фиоките на Богоев

– До каде е идејата за градба на старски дом во Карпош, дали се работи на тој план?, било прашањето кое Данче Петрушевска, жителка на Карпош, неодамна му го поставила преку социјалните мрежи на општинскиот градоначалник Стефан Богоев. Во одговорот стои: „во програмата имам таков проект. Правиме напори да собереме средства и да изградиме модерен и современ Дом за нега на стари лица…“, напишал градоначалникот Богоев.
„Скопско Ехо„ погледна во програмата и таму е наведено дека рокот за изградба на овој дом е 2020-та година. Дотогаш треба да биде целосно завршен објект со вкупната површина од околу 2.000 метри квадратни, со голем двор, со уредено зеленило, енергетски самоодржлив за цената на престојот да биде што поевтина…
– Очигледно е дека се доцни со почетокот на оваа градба. А јас чекам домот за старци што побргу да се направи, изјави за „Скопско ехо“ Данче Петрушевска.
Инаку, ваквите објекти, кои се ветени и во други скопски општини, на Карпош му е многу потребен. Ова е општина во која статистиката покажува дека населението и старее. Нема бебиња, а бројот на стари лица се зголемува. Додека не се направи нов, пензионерире се упатени на постоечкиот дом за стари лица во истата населба кој е во многу лоша состојба, а и нема доволно капацитет.
За жал, не е само ова изборно ветување кое се уште не почнува да се прави во Карпош. На реализација чека и проект за здравствени патроли, наменети пак за постарите лица. Тие треба да им овозможат бесплатни здравствени прегледи, завршување на административни работи и слично. Но, и тој проект се уште чека. Исто како што чека и проект за бесплатни часови за изучување на странски јазици за сите основци со помош на волонтери-дипломирани наставници или апсолвенти. Се чека и на девет еко-паркинзи (рок 2020 година) чија цел е да се намали загадувањето на воздухот во општинагта. Ваквите паркинзи, всушност, треба да бидат „зелени кутии“, односно, прекриени со зеленилото и во кои ќе се паркираат возилата… На реализација чека и ветеното градење на градинка.
Жителите на Карпош стануваат се понтерпеливи кога е во прашање исполнувањето на бројните изборни ветувања на градоначалникот Богоев.
– Многу нешта беа ветувани, но мала е реализацијата на покрупни проекти. Не велам дека не е направено ништо, но многу бавно оди. Пред се хигиената во основните школи е на дното, ужас. Моето дете не сака да влезе во тоалет во школо, па има после проблем со инфекции. Ветено беше дека во школите ќе се среди хигиената, но ништо од тоа. Кога оди градоначалникот он се најавува претходно и нормално се е чисто два дена. Нека помине ненајавен па да види, зараза ќе фатат децата, ни вели Епсиманија Црвенпанова, од Карпош.
Градоначалникот најави и изградба на три базени. Еден требаше да биде готов пред почетокот на оваа година. Кога ќе дојде време карпошани да пливаат во нив се уште не се знае, а една третина од мандатот на градоначалникот Богоев веќе помина.

По реакција на граѓаните, го најави адреналинскиот парк
Деновиве, по бројни реакции на граѓаните зошто не почнува да се гради адреналинскиот парк на Кејот на Вардар, градоначалникот на Карпош најави дека кон крајот на март ќе почне градбата. Кога ќе биде завршен не е кажано.

На уредување чека и левата страна на Вардар
До крајот на мандатот градоначалникот го чека и реализација на ветеното уредување на левата страна на реката Вардар на подрачјето на општината. За неа е ветено дека ќе има тартан-патека, дека хортикултурно ќе се уреди, дека ќе има детски игралишта, фитнес-зона…