Не го бендисаа „Денот на дрвото“ на Груевски, ама сега Ковачевски ќе си има „Пошумуваме заедно 2023“

Во Македонија денеска од Куманово треба да стартува нова масовна акција за садење на дрвја наречена „Пошумуваме заедно 2023“. Целта е до март следната година на 34 различни локации во државата, во 19 различни реони, да се насадат 1,2 милиони садници.

-Еден милион и двеста илјади садници ги предвидуваме за пошумување во годинешната голема акција за пошумување. Годинешната акција опфаќа пошумување на површина од над 400 хектари со повеќе различни видови садници како бел и црн бор, јавор, багрем, смрча, даб, чемпрез, јасен, костен и ела, истакна министерот Љупчо Николовски на минатонеделната конференција за печат.

Планот е амбициозен. И силно најавен.

Со ова, се чини, актуелната власт како да организира масовна акција за пошумување слична на оние што ги правеше претходната власт предводена од тогашниот премиер Никола Груевски под името „Денот на дрвото“. Тогаш, почнувајќи од 2007 година беа организирани десетици масовни акции во кои беа насадувани милиони садници и со учество на многубројни граѓани. И тогаш, исто така, се наведуваше дека се избрани посебни садници, дека се насадуваат соодветни подрачја, но, на крајот, се покажа дека ефектите од садењето биле мали.

Ама, во 2017-та година новата власт на чело со ДУИ и СДСМ  прво што сработи беше укинувањето на акцијата „Денот на дрвото“. Анализите кои по 2017 година, по смената на власта, ги правеше новото раководство на „Македонски шуми“ покажувале дека од милиони садници опстанале само од 5-10-20 проценти. А за акциите се трошеа милиони евра… Новото раководство на „Македонски шуми“ тврдеше дека причината била што не се избрани соодветни садници, што се пошумуваа несодветни подрачја…

И сега оваа власт е подготвена да ја изведе задачата подобро? Дали се извлечени поуките од акциите „Денот на дрвото“? И сегашните организатори тврдат дека поуките се извлечени, дека се избрани соодветни садници, отпорни на климатските промени, дека ќе се сади на локациите кои се соодветни…

Останува да се види дали ваквите ветувања се издржани. Но, за опстојувањето на новите садници не е клучно смао изборот на видовите и на локациите. Потребно е и подоцнежната грижа за нив. Односно, да се знае кој на одредени подрачја ќе преземе грижа за нив, дали тоа ќе бидат општините или ЈП „Национални шуми“? Ако тоа не се дефинира, ако нема заштита, ако нема полевање и други видови грижа, тогаш повторно ќе се случи младите сандици набрзо да се исушат. Но, такво нешто не се слушна во сегашните најави за новата масовна акција за пошумување.

Претходна вестЗаврши интеграцијата на ПОА во МПЦ-ОА, устоличен новиот епископ Дељадровско-илинденски Јоаким
Следна вестНад сто возачи возеле прeбрзо во Скопје