Стартува изборната кампања, скопјани апелираат да нема лажење и манипулации

Билборди со ликови на партиски лидери и симболи на политички партии кои од изутринава можеа да ги забележат скопјани се прв знак дека почетокот на изборната кампања е на прагот. Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во македонскиот парламент ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк.

На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, од кои најголем дел веќе ги почнаа своите активности со промоција на програмите и теренски посети и средби со граѓани. Партиите најавуваат дека своите кампањи ќе ги водат без големи собири на граѓани и со поголеми активности на социјални медиуми. Средби со граѓани ќе има и тоа на отворен простор со најмногу 50 лица, а во затворени простории со 30 лица и со почитување на дистанца и носење маски.

Скопјани вече реагираат преку социјалните мрежи, главно во правец на едно барање – да нема лажење и манипулирање во кампањата.

-Од она што го видовме деновиве се гледа дека лагите им се главно оружје во кампањата, ветуваат милијарди како да сме Шведска. Но, овој пат ги знаеме лажговсците, е едена од реакциите на Фејсбук.

Инаку, на првиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Струмица и Виница, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ги почнува во Охрид, Скопје, Струмица и Тетово, а ДУИ со промотивна конвенција на кандидатите во Преспа, ДПА со посета на гробот на Арбен Џафери и со презентација на платформата во Тетово.
Македонски концепт тргнува во предизборна кампања од пред ЕУ Инфо центарот во Скопје, а ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија од Битола.

Претходна вестПроменливо облачно, но без дожд во попладневните часови
Следна вестМакедонските туристи лани во Грција потрошиле 114 милиони евра