Стартува вакцинацијата во „СЦ Борис Трајковски“, сега уште да дојдат нови вакцини

Од денеска во спортскиот центар „Борис Трајковски“ започнува вакцинацијата со руската вакцина против корона вирусот „Спутник V“ која ќе биде дадена на околу 3.000 граѓани за кои се веќе закажани термини. Имунизацијата опфаќа вработени во критичната инфраструктура, како вработените во МВР, Армијата, новинари, службите во Град Скопје односно оние кои имаат голем број на контакти согласно карактеристиките на работното место, но и согласно возраста на лицата и евентуални коморбидитети и хронични болести. Вакцинацијата ќе ја прави тим од 20 медицински сестри и пет доктори во две смени, а се обезбедени и места за 15-20 минути опсервација по завршување на вакцинирањето и обележани делови за Итна медицинска помош ако е потребно. За вакцинацијата, во салата ќе бидат ангажирани и вработени во администрација од Министертство за здравство, здравствените домови, Институтот за јавно здравје…

Во салата беше направена проба како ќе функционира и ќе се координира вакцинацијата – местата каде ќе се прави приемот на граѓаните, индивидуалниот преглед и вакцинирањето, пунктови каде ќе се издаваат потврди со термини за ревакцинација, местото за фижидерите за вакцините.

Министерот Венко Филипче вчера изјави дека на почеток во просек околу 4.000 луѓе на ден ќе бидат вакцинирани низ државата, а верува дека за кратко време ќе се исполни и планот да се достигнат 7. 000 термини дневно, кога системот ќе профункционира во целост.

А за да профункционира системот во целост треба да има и новопристигнати пратки со вакцини, а баш тоа го нема. Министерот вели – ќе дојдат овој месец.

Претходна вестСончево со умерена облачност, температура до 14 степени
Следна вестБорисов освои најмногу гласови, но нуди експертска влада