Стасав до светска бронза и европско сребро во карате, на ред е злато

Подготвивме посебна тактика за борба. Целта ни беше постојано да бидам во офанзива и на тој начин да го принудам противникот да мора да излезе од обележаниот терен зо борба. Тоа ми успеа, на само осум секудни пред крајот на борбата го принудив да излезе и по четврти пат и тогаш судијата го дисквалификуваше, а јас освоив бронзен медал на Светското првенство во карате… Вака, со видливо задоволство, 15-годишниот Бојан Костов, член на нашата кадетска репрезентација во карате го опишува еден од своите најголеми спортски успеси. Да се биде трет во светот во карате, навистина, не е нешто што се случува секој ден и секому. Но, за Бојан тоа не било изненадување бидејќи последниве години практично немало големо напреварување од кое не се вратил со медал. На Медитеранските игри бил трет, на Европското првенство втор и сега од СП во Чиле – трет.

-Русинот Ахмед Ахмедов со кој сега се борев за бронза ме победи во финалето на Европското првенство во Данска. Тој е многу добар каратист и тешко е да се победи. И сега кога се боревме водеше со 4:2 во бодови до самиот крај на борбата. Но, и јас бев упорен со мојата тактика и успеав да биде дисквалификуван, ни наведува Бојан.

Инаку, тој веќе цела деценија тренира карате. Почнал уште како петгодишно дете по примерот на брат му и братучедот му кои го одбрале овој спорт. Оттогаш до сега, Бојан кој е ученик во првата година во Државната гимназија за физичка култура „Методија Митевски – Брицо“ ретко пропушта тренинзи. Кога се подготвува за големи натпревари тренира и по двапати дневно, а просекот му е – тренинг секој ден. Околу кимоното го врзува „втор кафеав појас“, а во наредниов период ќе стаса до „прв“ и по кој следи црниот појас.

-Го сакам каратето како спорт и тоа најмногу дисциплината на борби со противници. Целосно сум му посветен и никогаш не ми е доста со тренинзите. Овој спорт ви дава концентрација, способност брзо да реагирате, да донесете одлука, да знаете како да се одбраните. Посебно е значајно да почне да се тренира од мали нозе. Тогаш децата се учат на дисциплина, на култура, ни објаснува Бојан.

Сега се подготвува за државното првенство кое ќе биде изборно за тоа кој ќе ја претставува нашата земја на ново Европско првенство кое во февруари ќе се одржи во Будимпешта, Унгарија. Тој ветува дека ќе даде се од себе сега да се врати со златен трофеј.

-Каратето е мојот избор и ќе го тренирам и ќе настапувам и во иднина. Последните успеси ми се мотив да се трудам да бидам што подобар бидејќи уште сум млад и имам уште доста време за докажување, ветува тој.        

 Успехот треба и да се награди

Неговиот тренер и селектор Александар Кузмановски ни вели дека се работи за голем талент.

-Бојан е навистина голем талент за овој спорт, од рангот на еден Емил Павлов. Неговото време допрва доаѓа и тој вредно тренира. Само, ваквите таленти треба да се подржуваат, да се стимулираат. Ваков успех требаше да биде награден од страна на оние кои се грижат за спортот бидејќи тоа не се случува секој ден, ни рече Кузмановски.