Стефан Јанев на чело на привремената бугарска влада

Бугарскиот претседател, Румен Радев, го назначи актуелниот привремен премиер, Стефан Јанев, да ја предводи новата привремена влада.

Вчера Радев ги распиша предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 14 ноември.

Радев ќе ја претстави новата влада подоцна денеска.

Новите избори се одржуваат по неуспешните обиди на партиите по изборите во април и јули да формираат влада.

Радев ќе се кандидира за реизбор на претседателските избори, кои ќе се одржат истиот ден со парламентарните избори.

Привремениот кабинет на Јанев се здоби со популарност откако откри дека претходната влада на Бојко Борисов потрошила милијарди лева од даноците на граѓаните за контроверзни инфраструктурни проекти.

Според Ројтерс, двајцата најпопуларни членови на владата, министерот за економија Кирил Петков и министерот за финансии Асен Василев, нема да бидат во новиот кабинет, бидејќи се очекува наскоро да формираат своја политичка партија.

Радев го назначи Валериј Белчев за привремен министер за финансии.