Столтенберг пристигна во Скопје, утре лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот

Претседателот на македонската Влада Димитар Ковачевски, денеска со највисоки почести на платото пред Владата, го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална дводневна посета, за прв пат откако нашата држава е членка на НАТО.

Во работниот дел од агендата е предвидена тет-а-тет средба на премиерот Ковачевски со генералниот секретар Столтенберг, по што ќе се одржи билатерална средба на двете делегации, на која што од македонската Влада, покрај премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

-На средбата беа посочени и конкретните политички и економски придобивки за земјата од членството во НАТО. Премиерот Ковачевски истакна дека стабилноста и безбедноста овозможена преку членството во НАТО е од огромно значење за развој на економијата и е директна придобивка и за граѓаните и за компаниите во Северна Македонија. На средбата, соговорниците посочија дека е исклучително важно и за земјата и за регионот што Северна Македонија, рамноправно на иста маса со сојузниците активно учествува во дискусиите за регионалната, европската или глобалната безбедност, споделувајќи го својот специфичен пристап на конструктивно решавање на предизвици преку отворен дијалог, што е основа за градење и развивање добрососедски односи, соопшти попладнево Владата.

Генералниот секретар на НАТО, попладне ќе се обрати и пред пратениците во Собранието, во рамки на 132. седница, по што ќе биде примен од Претседателот Стево Пендаровски во неговиот Кабинет.

В среда во Скопје ќе се одржи неформалниот лидерски состанок на НАТО сојузниците од регионот.

Столтенберг и Ковачевски, како што е најавено, ќе ги пречекаат поканетите лидери од Република Албанија – премиерот Еди Рама, Република Хрватска – претседателот Зоран Милановиќ, Република Црна Гора – премиерот Милојко Спајиќ и Република Словенија – премиерот Роберт Голоб.

Од МВР информираат дека денеска и утре, поради пристигнувањето на поголем број на странски делегации, ќе има посебен сообраќаен режим на поширокото градско подрачје во Скопје. За таа цел Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците.

Претходна вестТони Лазов освои велемајсторска норма на Европското екипно првенство во шах
Следна вестПретежно облачно со повремени врнежи од дожд