Земјите членки на НАТО на самитот на Алијансата во Вилнус јасно ќе кажат дека Украина во иднина може да стане членка на воената алијанса, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг. Столтенберг по пристигнувањето на самитот посочи дека очекува сојузниците да испратат јасна, обединета и позитивна порака за патот кон членството на Украина во НАТО.
Тој рече дека очекува договорот на земјите од НАТО да го отстрани усвојувањето на Акциониот план за членство (МАП) како услов за влез на Украина во Алијансата.
Со тоа, како што истакна, приемот на Украина во НАТО би се одвивал во еден, наместо во два чекори. Столтенберг оцени дека рускиот претседател Владимир Путин направил три стратешки грешки кога ја нападнал Украина.
Првата грешка, според него, е што ги потцени Украинците, втората што го потцени единството на НАТО и третата што ги потцени политичките последици од таа агресија.
Столтенберг рече и дека НАТО не гледа промена во нуклеарниот став на Русија и покрај тоа што ќе распореди нуклеарно оружје на тлото на Белорусија и оцени дека „нуклеарната реторика на Русија е невнимателна и опасна“.