Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност

Со цел заштита на интересите на своите членки, но и да укаже на основните процедури и принципи на работа што мора да се почитуваат, Стопанската комора на Македонија на ден 12.10.2023 година (четврток) поднесе Иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за данок за солидарност пред Уставниот суд, со предлог за донесување на Решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени врз основа на оспорениот Закон, до донесување на конечната одлука. За ова известува Стопанската комора.

-Во оваа Иницијатива е обединета целата бизнис заедница, што е редок позитивен пример. Со неа, преку аргументиран пристап, бизнисот бара да се обезбеди гаранција на правната сигурност, како составен дел на принципот на владеење на правото што е неопходен во процесот на работењето на компаниите.

Сакаме уште еднаш да потврдиме дека бизнисот е целосно усогласен во однос на забелешките кон Законот за данок за солидарност, кои се поддржани и од највисоките органи и тела на Комората, предводени од Клуб 100, а поддржани и од Управниот одбор, Надзорниот одбор, од Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори и од другите бизнис-организации“, велат од Стопанската комора.

 

Претходна вестАрсовска: Нема никаков недостаток на возачи во ЈСП, сега се примаат 36 нови
Следна вестПрогласена најдобрата туристичка атракција во Европа