Страдаме од лоши политичари кои од Македонија направија корумпирана држава

Со надминувањето на партиското поставување кадри и поставување способни лица на соодветните места Македонија ќе може да тргне напред, смета Груевска-Маџоска

Професорката Симона Груевска-Mаџоска од Институтот за македонски јазик сака да живее во правна држава во која тие што сториле кривично дело навистина ќе бидат казнети…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

и се јавува двојно чувство: од една страна, топлина за земјата во којашто се родив, израснав, живеам и бескрајно ја сакам, мојата татковина, а од друга, сиромашна и корумпирана држава со несреќни луѓе. Се навикнавме веќе да гледаме намуртени и нељубезни лица на секој чекор, дали е тоа продавачот или лекарот, сеедно. Општата култура во Македонија е падната на многу ниско ниво.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

Македонија имаше голема шанса да успее, ако не направеше крупни грешки во 90-те години. Да имавме подобри политичари кои искрено ја сакаат својата земја и навистина се кадарни да ја поведат напред, веројатно ќе бевме успешна приказна. Но, за жал, ние страдаме од лоши и корумпирани политичари, кои од Македонија направија лоша и корумпирана држава, од која масовно се иселуваат граѓаните, без разлика на нивната етничка определба.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

Не сите граѓани плаќаат даноци, но, еве, да замислиме дека сите редовно плаќаат ‒ сепак властите не направија доволно за развојот и квалитетот на животот во Македонија. Да почнеме од хигиената на градот, делови од градот каде што нема асфалтиран пат, опасни сообраќајници со лоша канализација Мора да ја споменам и големата недоверба на граѓаните во судскиот систем, што остава бројни граѓани во очај зашто не можат да добијат правда, најчесто поради корупција, којашто во исто време е и голем фактор во здравствениот и во образовниот систем. Граѓаните изгубија доверба во сопствената држава, а тоа е трагично. Корупцијата и непотизмот веќе се прифаќаат како начин на живот. Со тоа, мојот одговор на прашањето е ‒ не, властите (сите досегашни) не ѝ дадоа доволно на државата.

Дали Вие доволно ѝ дадовте на Македонија?

метам дека доволно сум ѝ дала на мојата Македонија, прво со тоа што вистински ја сакам, а второ, со изборот на мојата професија, а тоа е научно истражување на македонскиот јазик. Со второто, не сум се фокусирала само на научни истражувања значајни за македонската наука, туку значајни за сите граѓани, а тоа е како член на редакцијата и еден од авторите на Правописот на македонскиот јазик (2015/2017), Толковниот речник на македонскиот јазик, како автор на првата Лексикологија на македонскиот јазик (2021), а се надевам во скоро време и на првиот Речник на синонимите во македонскиот јазик. Активно и ангажирано сум вклучена во општествениот живот за прашања кои го задираат македонскиот јазик и идентитет, со една желба ‒ во сопствената држава да се чувствуваме почитувани, па потоа и однадвор да нè почитуваат.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Се гордеам со богатата историја и култура на Македонија, иако понекогаш мачна. Се гордеам со мојот мајчин македонски јазик, кој го сметам за најубав (знам дека сум пристрасна), со македонската народна песна и воопшто со македонската музика и уметност. Сметам дека Македонија, иако е мала држава, има многу талентирани луѓе.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

едостасува владеење на правото. Оттука сè почнува. Кога ќе има владеење на правото, многу работи би се подобриле во Македонија, а со надминувањето на партиското поставување кадри на сите нивоа и поставување способни на соодветните места, дали е тоа во образованието, здравството, судството итн., Македонија ќе може да тргне напред. Сè дотогаш, нема само да тапкаме во место, туку ќе се вратиме во некои мрачни времиња. Би им ги одзела привилегиите на политичарите, за да се угледаат на скандинавските политичари според скромноста.

Во каква Македонија сакате да живеете?

Во правна држава во која тие што сториле кривично дело навистина ќе бидат казнети, со што ќе ни се врати довербата во државата, сакам да живеам во држава во која во образованието ќе работат луѓе кои навистина си ја сакаат работата и добро се обучиле за неа, сакам да живеам во држава во која нема да се сомневам во лекарот дека е со купена диплома, со еден збор, сакам да живеам во држава во која ќе има понесување одговорност.

Претходна вестБугарските власти одбија да го регистрираат македонскиот клуб во Благоевград, иницијаторите не се откажуваат
Следна вестПратениците лани наплатиле 360.000 евра за патни трошоци, рекордер Аџиоски со 12.417 евра