Студент на генерација, татко на три деца, кој е Јаков Милатовиќ, противкандидатот на Ѓукановиќ на изборите во Црна Гора?

Јаков Милатовиќ, заменик-претседателот на Движењето Европа сега, ќе се бори со досегашниот претседател Мило Ѓукановиќ, во вториот круг на изборите во Црна Гора. Јаков Милатовиќ, освои 29 отсто, а неговиот противкандидат Мило Ѓукановиќ 35,3 отсто од гласовите.

Јаков Милатовиќ е роден е 1986 година во Подгорица. Основните студии од областа на економијата ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот во Црна Гора, каде што бил студент на генерацијата. Магистерските студии од областа на економијата ги завршил на Универзитетот во Оксфорд и бил стипендист на британската влада.

Работното искуство го започнува во НЛБ банка во Подгорица, а потоа работи во Дојче банк во Франкфурт. Од 2014 година работи во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во тимот за економска и политичка анализа, најпрвин како економски аналитичар за регионот на Југоисточна Европа, а по унапредувањето на позицијата економист ги покрива земјите од Западен Балкан од канцеларијата во Подгорица.

Во 2018 година, тој беше унапреден во главен економист, со задача да ги покрива земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија од канцеларијата во Букурешт.

Со други искуства и обука се стекнал во германската фондација Конрад Аденауер, Лондонската школа за економија, Универзитетот во Пекинг, Академијата за лидерство на Универзитетот Стенфорд и други, се вели во биографијата објавена од движењето „Европа сега“.

Автор е на повеќе стручни трудови и коавтор на две книги.

Оженет е и татко на три деца.

Во Владата на Црна Гора, предводена од Здравко Кривокапиќ, Милатовиќ ја извршуваше функцијата министер за економски развој од 4 декември 2020 година до 28 април 2022 година.

По падот на владата на Кривокапиќ, заедно со Милојко Спајиќ (министер за финансии во таа влада) го основал Движењето „Европа сега“, кое го добило името по економската програма усвоена од владата на Кривокапиќ за време на нејзиниот едногодишен мандат.

Тој се кандидираше за претседател на Црна Гора „случајно“, односно откако Државната изборна комисија ја одби кандидатурата на Милојко Спајиќ поради спор околу двојното државјанство.

За време на предизборната кампања тој беше нападнат на митинг во Цетиње, кога Милатовиќ пред Спортскиот центар го пречекаа луѓе кои почнаа да го навредуваат и пцујат, а потоа го нападнаа и физички.

По гласањето во Подгорица, Милатовиќ рече дека на изборите во Црна Гора граѓаните избираат меѓу политиката на минатото, сиромаштијата, поделеноста и политиката на иднината и развојот.

– Само што презедов одговорност и влегов во претседателската трка за да го победам Мило Ѓукановиќ и сето она што тој го претставува во Црна Гора, а тој е симбол на минатото и политиката што ја подели оваа земја, рече тој.

Вториот круг на изборите во Црна Гора ќе се одржат на втори април.

Претходна вестСписок на најсреќните нации во светот: Македонија најнесреќна во регионот
Следна вестМалку градоначалниците градат во Скопје, а многу се караат кој градел