Студенти од балкански земји демолирале хотел во Охрид

Студенти од Србија, Хрватска и други балкански земји демолирале хотел во Охрид во кој престојувале на петдневна екскурзија. Бил кршен инвентар, една соба се запалила, а студенти дивееле по ходниците фрлајќи вазни и други предмети, објави хрватскиот портал „24 сата“.

Менаџерот на хотелот рекол дека гостите биле агресивни и предизвикале голема материјална штета. Во хотелот имало вкупно 1.250 студенти од 12 факултети за кинезиологија и кинзитерапија од целиот Балкан, а најбројни биле од Хрватска, кои ги имало 217.

– Знаеме дека станува збор за млади луѓе, но мора да се преземат мерки. Имавме посети од големи групи студенти, но досега ваков проблем не сме имале. Особено беа агресивни Хрватите, изјавил менаџерот на хотелот од Охрид.

На снимката се гледа скршен инвентар на хотелот, скршени прозорци, пивски шишиња на покривот, тоалет кој изгледа како да е запален…

Наводно, студентите палеле факели во собите и ходници.

– Имавме обезбедување кое ја смири ситуацијата, па полицијата не интервенираше. Хотелот функционира нормално и пристигнаа нови групи студенти. Се надеваме дека тоа нема да се повтори – додаваат од хотелот.

Претставник на студентското тело на Факултетот за кинезиологија во Загреб за порталот 24 сата.хр ја раскажал својата страна на приказната. Тој тврди дека студентите од Загреб немале никаква врска со собата која била запалена.

– На тој кат воопшто немаше студенти од Загреб. Управителот ни потврди дека за таа просторија се виновни инсталациите и дека не е намерно запалена. Постојано бев наоколу, но не можев сè да контролирам, но веднаш им напишавме во групата да не се прават никакви проблеми, изјави Мартин Стојчевиќ, претседател на Студентскиот сојуз на КИФ.

Тој вели дека не е коректно да се издвојуваат Хрватите, зашто тие не биле единствени што правеле штета.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Скопје е банкрот заради Арсовска, со ДУИ и СДС
Следна вестПрекинато финансирањето на филмовите на Манчевски, утврдени нерегуларности во извештаите