Студентите да станат паркетари, ѕидари, водоводџии, електричари…,полесно ќе се живее по домовите

Студентите сместени во домот во среде Центар, „Кузман Јосифовски – Питу“, сами, со помош од една невладина организација, си го средија дворот и диското во овој студентски дом. После безбројни апели, постојано медиумско претставување на реалноста од распаднати тоалети, соби, мензи, околина… на крајот работата ја земаа во свои раце.
Станува збор за акција од 1 до 18 јули, во рамки на проектот „Студентски домови без корупција“. Диското е местото каде можат да се релаксираат навечер, а дворот – преку ден. Претходно таква акција се одржа во домот „Стив Наумов“ каде беа реновирани читалната и дворот, а деновите што следат ќе се случуваат и во „Гоце Делчев“.
Секако е за поздрав што студентите се одлучиле за самостојна акција, но тие самите не можат да ги реновираат крововите во тоалетите, или да ги сменат прозорите за подобра изолација, или да си ја регулираат топлата вода и парното, да искречат или испрскаат против бубашваби и лебарки…Сите набројани се меѓу основните услови за живот на кои за жал студентите упорно се надеваат дека државниот апарат ќе им ги обезбеди. Но, ако само на интернет пребарувачите побараме што последно е направено во студентските домови, токму од надлежните ќе го најдеме следното:
-во март студентите во „Стив Наумов“ испратија слики до медиумите на паднат таван во тоалетот но за среќа без жртви оти немало никој внатре. На ова, дури и ироничната шега „да мочаш и се нагоре да гледаш“ не помогна во пренасочување на државниот систем кон проблемите на студентите во домовите – вечната болка.
-Околу две недели пред тоа, значи во февруари, студентите во истиот дом повеќе од 15 дена беа без греење и топла вода, без никој да им објасни што се случува, односно им беше кажано дека се изведува некаков зафат со цефките што минуваат под земја. Истиот проблем беше експресно решен, откако студентите излегоа на протест и медиумите дознаа за нивниот проблем.
-Ама пак затоа државата во истиот период најави поставување камери во студентските домови, што ќе регистрираат, меѓу другото кој и каде фрла ѓубре, оти де факто – сите домови без исклучок се беа претвориле во своевидни депонии по дворовите.
Но проблемите не завршуваат тука, ги има уште многу. Последното реновирање го направиле самите. И што им останува ако надлежните и натаму не се освестуваат и не им се посветат? Веројатно да станат паркетари, водоводџии, електричари, ѕидари за самите да си средат проблемите колку што можат. Чуму тогаш студентскиот живот кога како занаетчија моќта е поголема?