Во Куќата-музеј на Лазар Личеноски во Скопје денеска беше отворена изложбата на дела создадени од студенти од Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста секој вторник и четврток од 12 до 14 часот во периодот од 15 до 30 ноември.
Оваа изложба е дел од настаните за одбележување на третиот роденден на Europe house во Скопје, кој со низа настани, организирани заедно со Националната галерија, ќе му одаде почит на културното наследство на нашиот познат уметник.
„Во рамките на изложбата учествуваат осум студенти со 11 дела кои се инспирирани генерално од куќата на Лазар Личеноски. Бевме поканети од ЕУ Хаус за да направиме изложба и ова не е само ревијално изложување на дела, туку специјално се правени за повикот на ЕУ Хаус. Ова е еден начин на студентска вежба за освојување и на анимирање на просторот, како и искажување на своја идеја и чувства од она што го имаат видено“, вели проф. д-р Славица Јанашлиева од Факултетот за ликовни уметности.
Инаку, програмата на настани, како што информираа од Europe house, вклучуваше отворен повик за млади дигитални уметници (на возраст од 18 до 35 години) поканети да ја понудат својата визија за следење на познатиот мозаик на отворено „Апотеоза на трудот“ на Лазар Личеноски, кој ја прикажува еволуцијата на човештвото. Мозаикот го велича трудот кој е главниот фокус на претстојната Европска година на вештини во 2023 година. Инаку, изложбата ќе остане отворена за јавноста од 12 до 14 часот секој вторник и четврток од 15 до 30 ноември.
Дел од настаните е и видеото со современ танц во изведба на Андријана Данчевска и Дејан Битровски, кое беше снимено во Куќата-музеј на Личеновски, а ќе биде промовирано онлајн од страна на Europe house – Скопје. Кореографијата на танцот се темели на џез-композицијата „Фрагменти“ од групата Зулу 3.4, која неодамна доби награда за „Најдобри млади џез-музичари“ на годишниот Скопски џез-фестивал. На 17 ноември, во Europe house ќе се одржи ликовна работилница за деца во организација на Националната галерија. На 23 ноември, пак, роденденската програма ќе заврши со започнување на низата Разговори за културата со учество на претставници од владините институции, млади експерти од област на темата и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Македонија.