Судечкиот совет на Апелациониот суд Скопје дополнително ќе ја соопшти одлуката за случајот „ТНТ“ по денешната јавна расправа. На седницата, одбраната на обвинетите побара застарување на случајот, а претставникот на Вишото јавно обвинителство рече дека со измените во Кривичниот законик е декриминилизирано делото за јавните набавки.
Во првостепената пресуда девет години затвор доби експремиерот Никола Груевски, три години поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и четири години поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, за рушењето на објектот „Космос“ на Фијат Цаноски во 2012 година. Во случајот затворска казна од четири години доби и тогашната градежна инспекторка Елизавета Најдовска, додека три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда. Сите се товареа за „злоупотреба на службената положба и овластувања“.
Во своето излагање на денешната јавна седница во Апелација, адвокатот Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Миле Јанакиески, посочи дека постои апсолутна застареност од кривично гонење.
-Со измените на Кривичниот законик да се констатира застареност на кривичното гонење и донесување на одбивателна пресуда, предложи тој.
Кон барањето се приклучија и дел од останатите бранители, додека, дел од нив, исто така, побараа ослободителна пресуда, не само поради измените на Кривичниот законик, туку и, според нив, поради сите други работи кои биле детално образложени во постапките. Одбраната на денешната расправа укажа на повеќе работи во делот на постапката, кои според нив се симптоматични во однос на решенијата донесени од судовите. Па така, обвинетиот Миле Јанакиески посочи дека во решението донесено во септември 2023 година, има судии поротници на кои Судскиот совет им утврдил престанок на функцијата поради старосна пензија и истек на мандатот една година претходно.
Јавниот обвинител Сашо Рајчев на денешната расправа посочи дека со измените на КЗ во целост делото се менува содржински во поглед на „злоупотребата на службената положба и овластување“ како и во поглед на пропишаните казни.
-Со овие измени пропишаните казни се драстично намалени и се декриминализира делото во поглед на јавните набавки, рече тој.
Сопственикот на компанијата „ФИНЕ“, Фијат Цаноски, вчера на прес-конференција обвини за судски преседан во Апелациониот суд и тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра.
Според првостепената пресуда на Кривичниот суд, Цаноски треба да добие отштета од речиси 11 милиони евра поради уривањето на комплексот.
На ова реагираше Апелација, од каде посочија дека постапувањето на судечкиот совет е согласно Законот за кривична постапка.