Судење за родилката од Дебар: Веапоска и медицинска сеста со различни изјави

Со исказ на медицинската сестра, која учествувала во лекувањето на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, на која и беа отстранети три органи по породувањето со царски рез во Струшката болница, во Основниот суд во Струга денеска продолжи судењето против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска.

Медицинската сестра, која денеска даде исказ на барање на одбраната, раскажа за критичниот ден, од утринската визита кај пациентката се до влегувањето во сала за операција.

-Јас бев таму на визитата и поминавме кај Јилдиз Веапоска. Веапоска и докторката разговараа, таа ја праша пациентката дали е добра, а таа одговари дека е добро и е пуштена да си оди од страна на докторот кој ја оперирал Мухамед Асани. Подоцна, Јилдиз повика сестра и се пожали на болка додека го доела бебето. Јилдз легна и рече имам болка, но ќе помине. Ѝ реков ако имаш болка морам да известам дежурен лекар, таа не сакаше, велеше дека сака да си оди. Сепак, ја известив докторката која ѝ даде терапија против болка. Постојано бев со неа и болките не ѝ прекинуваа. Повторно викнав лекар која ја прегледа и не дозволи да си оди дома. Јилдиз инсистираше да си оди но, докторката предложи лабараторија и го повика д-р Аце Велјановски анестезиолог и д-р Мухамед Асани, кој одлучи да се оди во сала, објасни пред судот Сарита Пешиноска.

Оштетената Веапоска, која остана без матка, јајник и бубрег, во изјава за медиумите кажа дека исказот на медицинската сестра не бил целосно точен и оти таа барала да ја пуштат, но не да си оди дома, туку да ја однесе сопругот во болница во Скопје.

– Јас барав да си одам, но не да одам дома, туку да дојде мојот сопруг да ме земе и да ме однесе во Скопје или било во која болница за да види што се случува со мене, рече Веапоска.

Следното рочиште е закажано за 21 јуни, кога тројца вештаци од Институтот за судска медицина, по барање на јавниот обвинител преку вкрстено испрашување ќе изнесат наоди од судското вештачење.

Претходна вест„Комити“: Не ја признаваме одлуката на МВР, добредојдени се „Чкембари“ на дербито
Следна вестОграбена црква во Куманово