Судскиот совет избра нови судии за Врховниот суд, изборот за претседател продолжува

86

Судскиот совет избра тројца нови судии за Врховниот суд. Зоран Димитриевски и Татјана Дуковска од скопската Апелација беа избрани како судии за кривична област, добивајќи едногласна поддршка од Советот. Од граѓанската област беше избрана само прворангираната Маја Маркова, додека кандидатите Јетмир Ајдини, Наташа Савовска Димитровска и Рафиз Идризи не добија доволна поддршка.

Дебатата за избор на судии од граѓанската област беше заострена, особено поради дисциплински постапки против некои од кандидатите. Беше предложено поништување на огласот, но предлогот не помина.

Исто така, за претседател на Основниот суд во Кратово беше избран Мирослав Георгиевски, оценет како искусен и истакнат судија.

Со новоизбраните, Врховниот суд сега брои 14 судии, што е далеку од систематизираните 28. Во тек е и постапка за избор на нов претседател на Врховниот суд, каде кандидати се Беса Адеми и Африм Фидани. Претседателот на Судскиот совет, Камбовски, најави дека изборот ќе се одржи на една од следните седници.

Претходна вест42-годишник ограбил 11 куќи и викендици за пет месеци
Следна вестКоцевски: Истрагата за пожарот во Кочани мора да заврши до 16 -17 јуни