Светски а наш: 5 ѕвездички од Би би си за Симон Трпчески

„Би би си Мјузик магазин“ во својот јануарски број, со оценка од 5 ѕвездички го оцени нajновото самостојно компакт-диск издание на светскиот, а наш врвен пијанист Симон Трпчески. Насловот е „Сказни од Русија“ во издание на британска продукција „ОНИКС“.

-Трпчески ги позлатува Приказните на Прокофјев со совршено проценет тон, придружен од снимка која е исто полна и прекрасна како и изведбата на ваков врвен пијанист, пишува еминентниот критичар Дејвид Најс во текстот под наслов „Трпчески обојува магична слика“, издвоен како „инструментален избор на уредникот“.

За изведбата на „Шехерезада“, Најс вели:
– Трпчески толку прекрасно ја „диригира“ својата интерпретација кон серија врвни кулминации, што сосема ја разбирате неговата посебна љубов кон оваа музика,нагласува авторот, па во делот за „Ноќта на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, ќе рече: „…таму каде што обичен виртуоз може да брза низ демонски-прогонувачката зора, Трпчески создава најмагична обоеност на тонот“.