Свирам повеќе инструменти, најмногу се фокусирам на македонската музика

На неодамнешниот мултиумедијален проект „Маљчики“ со кој ОГО и ГОДО (Градски оркестар со делумна одговорност) се направи прекрасно музичко потсетување на мјузичарот Влада Дивљан од култната белградска група „Идоли“ вниманието на публиката посебно го привлече момчето кое беше лидер на целиот настан. Мајсторството со кое тој свиреше на гитара, а кое веднаш ја одушеви публиката, само потврди дека младиот музичар не се нашол случајно во редовите на овој нов музичко-сценски ансамбл заедно со глумецот и во овој случај пејач – Сенко Велинов. Настапот покажа дека во петнаесетгодишниот Огнен Златанов се крие голем музички талент кој, по повеќегодишно учење и вежбање, сега надграден, излегува на површина.
За каков музички капацитет станува збор можеби најдобро кажува тоа дека целокупниот материјал од песните на „Идоли“ биле подготвени и преработени во сосема нови аранжмани токму од оваа македонска нова млада музичка ѕвезда – Огнен Златанов.
– Многу сум задоволен што концертот беше добар и што на сите им се допадна. Тоа многу ми значи и ќе ме поттикне за во иднина. Музиката е нешто што многу, многу ми значи и на што речиси целосно му припаѓам, ни вели Огнен.
А зад овој, инаку, ученик во 9-то одделение во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“, веќе е десетгодишно музицирање. Интересно е што прв избор во музиката му била виолина и тоа уште на петгодишна возраст кога учител му бил професорот Михајло Куфојанакис во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“. Но, во следните години музичкиот интерес му се проширувал, посебно кон рокенролот. Па, така, музичката наобразба ја продолжил со професорот по бас-гитара Никола Бочваров, тогаш веќе имаал 11 години. Истовремено го интересирале и останатите жичани инструменти: електрична и акустична гитара и мандолина. Паралелното изучување солфеж и теорија на музика му овозможило да ги започне своите први чекори во компонирањето и вештината на музичко аранжирање.
-Покрај љубовта кон виолината и кон електричната гитара, мој базичен инструмент е бас-гитарата, односно, контрабасот. Токму нив планирам и да ги студирам во моето идно музичко усовршување во ДМУБЦ и на Музичката академија. Љубовта кон нив ми произлегува од убавините на музичките импровизации кои што ги има во џезот и во експерименталната музика, но и од дружењето со други музичари, ни открива овој музички талент.
Огнен имал и повеќе други музички настапи. На рана возраст тоа биле јавните часови по виолина, потоа настапите со членови од музичкото училиште по бас-гитарата, а потоа и со својот школски бенд. Тој гостувал и на десетиот албум наречен „Татко“ на скопската рок-група „Мугер Фугер“, како и на снимањето така и на промотивните концерти на групата. Инаку, негови омилени музички групи се Соник Јут, Џој Дивижн, Радиохед, Смитс, а од македонските музичари за него највлијателни се Фолтин, Мугер Фугер и Горан Трајкоски.
Огнен ни вели дека својата иднина прво ќе ја врзе за музичките образовни институции во државава, а подоцна можеби и во странство.
– Сепак, во фокусот на моето занимавање со музиката секако најмногу ќе биде македонската музика и создавањето на новите македонски музички традиции, категоричен е тој.

Почитта од публиката е најголема награда
– Реакциите на публиката за мене секогаш е најголема награда. Кога публиката ве почитува тогаш тоа е најдобро признание и јас сум среќен што така беше и сега, а ќе дадам се од себе така да биде и во иднина, ни вели Огнен.