СЗО: Бројот на нови инфекции и смртни случаи од корова вирусот опадна насекаде низ светот, освен на Блискиот Исток и Југоисточна Азија

Пандемијата со корона вирусот спласнува во поголемиот дел од светот. Имено, бројот на нови инфекции и смртни случаи пријавени на глобално ниво минатата недела опадна насекаде низ светот, освен на Блискиот Исток и Југоисточна Азија. Ова го соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Во соопштението се наведува дека новите потврдени случаи на инфекција опаднале за 12 отсто на повеќе од три милиони, а пријавените смртни случаи опаднале за 22 отсто на околу 7.600.

СЗО наведува дека континуираниот пад на бројот на заразени со коронавирусот, што својот врв го достигна во јануари, е многу охрабрувачки тренд.

Агенцијата на ОН, меѓутоа, предупреди дека пандемијата сè уште не е завршена и повика на претпазливост, иако многу земји се откажаа од своите мерки за борба против вирусот.

Во извештајот се наведува дека 18 месеци по почетокот на првите масовни кампањи за имунизација против корона вирусот во богатите земји, 68 земји допрва треба да заштитат 40 отсто од своето население.

Иако сега се достапни доволно вакцини, побарувачката е намалена.

На Блискиот Исток бројот на нови инфекции со вирусот се зголеми за 19 отсто, а во Југоисточна Азија за еден отсто во текот на оваа последна недела, додека насекаде низ светот имаме надолен тренд.

Претходна вестАвтомoбил се преврте на коловозот пред зградата на МАНУ
Следна вестПрашање до Град Скопје: И утре ли ќе има објава дека се реконструира тротоар на Јужен булевар?