Тајната служба на Црна Гора добила информација дека се спрема атентат на претседателот

Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на Црна Гора проверува дали се точни информациите дека се подготвува атентат на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ, кои неодамна ги добила од странство и ги известила неговиот кабинет и полицијата, јавува Вијести.

Во одговорите на прашањата на црногорскиот медиум за можни сериозни закани за шефот на државата, полицијата и кабинетот на Милатовиќ го потврдиле постоењето на такви информации, додека од АДБ не одговориле.

-Кабинетот на претседателот на Црна Гора е известен дека се проверува веродостојноста на информациите за можно загрозување на безбедноста на претседателот на државата Јаков Милатовиќ. Не добивме никакви дополнителни детали. Известени сме дека надлежните органи ги разгледуваат информациите и очекуваме понатамошни информации, одговорила службата за односи со јавноста на кабинетот на Милатовиќ.

Полициската управа кажала дека безбедноста на претседателот Милатовиќ не е загрозена, но дека информацијата за таа можност се проверува. Не сакале да кажат за што конкретно станува збор имајќи ја предвид природата на информацијата и потребата за тајност на податоците.

Како што неофицијално дознава Вијести, информациите за наводното планирање атентат на Милатовиќ се добиени посредно од два поврзани извори, од две земји од Западен Балкан. Тие извори наводно известиле дека главен организатор е пензиониран офицер на војска во регионот, а дека непосреден извршител би било лице од Црна Гора.

-Лицата кои ги дале информациите се поврзани со служби на една земја во опкружувањето. Имајќи го предвид начинот на кој е кажано дека тоа е наводно планирано, не сум сигурен во веродостојноста на податоците, но сè треба да се провери, кажал соговорник на подгоричкиот весник запознаен со информациите.

На прашањето кој би можел да биде мотивот за атентат на Милатовиќ, изворот кажал дека не знае, освен дестабилизација на земјата.

Претходна вестДал камион на компензација за мебел, останал со празни раце
Следна вестВесли Кларк стана почесен граѓанин на Чаир – го водеше НАТО бомбардирањето на СРЈ во 1999 година