Талат Џафери побара пратениците да се однесуваат државнички

Апел до пратениците да се однесуваат државнички во однос на изборот на уставните судии упати денеска собранискиот претседател Талат Џафери. Тој, на покана на претседателката на Уставниот суд  Добрила Кацарска, денеска учествуваше на работниот состанок на кој, покрај него, присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски.

Во соопштението од кабинетот на Џафери се наведува дека тој на состанокот образложил дека секогаш давал поддршка за независноста на судската власт и неговата функционалност.

-За жал, со сета негова добра волја, постапката за избор на нови уставни судии е заглавена во Комисијата за избори и именувања и единствено што може е да апелира до колегите да се однесуваат државнички и да овозможат одблокирање на изборот за час поскоро да се комплетира Уставниот суд и да може да продолжи со нормално функционирање и во полза на граѓаните, наведуваат од кабинетот на Џафери.

Оттаму додаваат дека покрај актуелните прашања за административната и финансиска независност и за условите во кои функционира Уставниот суд, главното прашање кое беше и повод за оваа прва и историска средба од овој формат на трите власти во државата, беше прашањето што го отвори претседателката на Судот ,Добрила Кацарска, за кое и побара поддршка, за воведување на институцијата уставна тужба. Со неа би се отворила можност граѓаните да стигнат побрзо до очекуваната правда, без да ја бараат истата од меѓународните судови.

– Поддршката ја побара затоа што за тоа да се направи, ќе мора да се отвори Уставот. Секако дека комплетирањето на составот на Уставниот суд со избор на потребниот број на уставни судии е најважен предуслов за исполнување на надлежностите на судот, велат од Кабинетот на Џафери.