Талент кој не мирува: Базенот го заменив со трчање на Водно, вежби во дворот и статичен велосипед

Корона кризата само и го смени начинот на тренинг, упорноста останува:  МИА БЛАЖЕВСКА-ЕМИНОВА

 Кога некој шест дена во неделата по неколку часа поминува во базен на тренинзи за настапите на тешките првенства, не е тешко да се замисли каков шок е да не може да се вежба во нив. А со таква голема промена во своето секојдневно спортско живеење сега се соочува една од нашите најталентирани спортистки – Миа Блажевска Еминова. Таа е само дел од нашите бројни перспективни пливачи кои сега, заради превентивните мерки против корона вирусот, не смеат да ги користат базените кои се затворени со владината одлука уште од 10 март годинава. Значи, веќе повеќе од 40 дена Миа воопшто не влегла во базен за да плива, а што претходно го праваше секојдневно.

-Ова е многу голема промена која што ми се случува како спортист. Свесна сум за тоа дека мерките се потребни, дека на тој начин може да се спречи ширењето на опасната болест. Но, и мојот и спортскиот живот на другите спортисти сега е радикално променет. Сепак, и јас се прилагодувам на она што е ситуацијата, ни вели Миа.

Дo затворањето на базените Миа имала цврст распоред на тренинзи. Тие подразбирале три пати неделно да има пливачки тренинзи изутрина и навечер од по два часа и три пати неделно имала утрински тренинзи во теретана и вечерни со пливање. Единствен слободен ден и бил недела. Ваквото вредно тренирање на Миа, кога годинава ќе наполни 15 години, и донесе бројни државни рекорди во најразлични конкуренции. Само лани таа успеа да собори повеќе рекорди во кадетска, сениорска и апсолутна конкуренција во 50 – 100 метарски дисциплини во пливање – грбно, делфин, градно. Успеа дури и да го собори 20 години стар рекорд на Наташа Мешковска на 100 метри-делфин.

-Кога имате таков распоред можете да замислите каква промена е да морате да седите дома. И нормално, јас во договор со тренерот си определив нов начин на тренинзи се со цел да останам во форма, да не ми се опуштат мускулите, вели Миа за „Скопско ехо“.

Тој нов режим на тренирање е прилагоден на периодите кога е доволено движењето надвор.

-Во периодот кога ние младите до 18 години може да излегуваме од 13 до 16 часот јас одам да трчам на Водно и тоа трае околу четириесетина минути. Потоа се враќам дома и во дворот продолжувам со атлетски вежби. Вечерта пред спиење вежбам на статичен велосипед. Тоа ми помага да бидам во форма, мускулите да ми бидат активни, вели овој наш пливачки талент.

Пандемијата со корона вируси го одложи и големото европско првенство во пливање кое Миа посебно го исчекуваше. Упорните тренинзи годинава беа посебно насочени кон него. Првенството сега е одложено и прашање е кога ќе се одржи. Но, Миа вели дека нема да запре.

-Јас и натаму се подготвувам. Пливачите својата форма најдобро ја одржуваат со пливање во базените. Но, ситуацијата е таква и јас, како и другите пливачи, морам да се прилагодам. Тоа значи дека ќе вежбам на суво, а кога ќе се отворат базените спремна сум тренинзите да ми траат и повеќе за да што побрзо се вратам во форма, решителна е Миа.