Талент: Желбата да оставам белег ме внесе во архитектурата која ќе ја усовршувам во Словенија

Сака да остави зад себе белег во општеството со градбата во која ќе бидат вткаени нејзиниот талент и љубовта кон архитектурата. Оваа мисла и досега но и натаму ќе ја води 18-годишната Драгана Маринковска, која неодамна матурираше, а истовремено беше прогласена и за ученик на генерацијата во Средно градежно гимназиско училиште „Здравко Цветковски“. Во сите училишни години, во насоката за архитектонски техничар, постигнала одличен успех работејќи истовремено и на други полиња. Сега се подготвува за нов предизвик: да се запише на Архитектонски факултет на Универзитетот во Љубљана, Словенија. Ни вели дека наградата што ја добила како првенец на генерацијата само ја зголемила нејзината желба за успех.

-Она што ме доведе да се запишам во ова училиште беше мојата искрена желба да креирам, да цртам и да проектирам. Со тоа да го покажам најдоброто од себе. Архиткетурата е креативна професија која подразбира просторно решавање на проблеми, микс од уметност, историја и инженерство преку која со секој проект ги изнесуваш своите способности, креативност и имагинација и од лист хартија создаваш објект, ни вели Драгана.

Таа не крие дека нејзината голема желба и е да проектира објекти кои ќе остават трага и во просторот и во времето.

-Секој сонува да проектира барем по еден објект од култура, здравство, спорт и рекреација. Тоа се објекти за општо добро на државата и воздигнување на свеста кај народот. Па нормално е човек да сака да даде придонес за подобра иднина и оставање личен печат. Би се стремела кон тоа, но во меѓувреме би сакала да се посветам и на станбената архитектура и да подобрување на условите за живеење, потенцира овој талент по архитектура.

Драгана воопшто немала дилеми кога се определувала дали да се запише во ова, или, на пример, класично гиманзиско училиште што е тренд кај нејзината генерација.

-Најважно е се едуцираш во област што те интересира и да вложуваш во професија во која се гледаш во иднина. Бев свесна дека насоката архитектонски техничар ќе ми овозможи предзнаење за натамошното образование. Изборот треба да остане на младите во зависност од нивните желби и цели за во иднина. Би било од корист да се разгледа што се бара на пазарот на трудот и каде се нудат работни места, но крајната одлука нека биде насочена кон она во што ужива секој поединец, ни објаснува таа.

Инаку, Драгана ни открива дека како инспирација посебно и служат личностите и делата на архитекти какви што се: Френк Лорд Рајт (Куќа на водопадот, музејот Гугенхајм), Лудвиг Мис ван дер Рое (Вилата Тугендхат), Заха Хадид (Културен центар Хадар Алијев, Мостот павилјон)… Сето ова е доволна гаранција дека во некоја блиска иднина можеме да очекуваме и некоја убава градба во Скопје или во некоја друга метропола зад чиј проект ќе стои нејзиниот потпис…

Се чувствуваат стегите од минати времиња
Таа смета дека и идејата за развој на Скопје во модерен европски град треба да ги следи светските технолошки достигнувања, исто како и архитектурата.

-Во Скопје се забележува потенцијал и мал исчекор за напредок, меѓутоа уште ги чувствува стегите од некои минати времиња од кои и самите архитекти треба да се ослободат и да креираат рамо до рамо со светските архитекти, смета Драгана.