Талентираните деца прават многу за Македонија, а што прават неталентираните од власта за нив?

Македонија е полна со млади таленти во разни области. Последен доказ е од пред некој ден кога младите македонски математичари одново покажаа колку се добри. Од неодамнешната Балканска јуниорска математичка олимпијада се вратија со куп медали. Освоија рекордни шест медали (еден златен, еден сребрен и четири бронзени) во конкуренција на вкупно 23 репрезентации, а што е најмногу досега.

Браво!

Со тоа сме една од трите држави со златен медал, а го надминаа и тимскиот рекорд по бројот на освоени поени: тој во 2022 г. беше 118, а сега е 157 поени. Тоа ја пласира Македонија на 5-тото место во официјалната конкуренција.

Капа долу за ваквите деца. А ова не е за првпат. Бројни медали и награди веќе стојат зад нив и нивните ментори коишто ги подготвуваа.

Како нив има и други деца кои се успешни во разни образовни области, како и во спортот, уметноста… Едноставно, Македонија е полна со таленти!

Но, дали државата и оние коишто се грижат за образованието ќе овозможат за младите, за талентираните да имаат уште поголем простор и можности за развој? Има ли Македонија стратегија како да ги доразвие, а потоа и сочува своите таленти да не заминат?

Ќе почне ли некој надлежен веќе сега да прави план или пак се ќе си биде по старо – умните деца ќе си заминат на студии во странство, a македонска јавност ќе дознава какви се успеси таму постигнале. Фактот дека Сојузот на математичари се заблагодарил на приватните спонзори кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките доволно предупредува колку тука државата била „заинтересирана“.

Време е државата еднаш да го смени односот кон врвните таленти што ги имаме. Ова е добар повод. Сега налето ќе следи и Меѓународна олимпијада по математика, на која ќе учествуваат и овие ученици…

Децата се умни, математиката ќе ја досовладаат, но не треба да совладуваат и пречки создадени од неталентирани лица кои се вгнездени во државните институции.

Претходна вестЛевица: Да се запре масовната сечa во Азот, жителите на Ореше најуваат мртва стража
Следна вестГолеми поплави во Хрватска, опасност да биде поплавен и Загреб