Талентот за механика го развиваме постојано – од проект до проект

Фото: студентите Анастасија, Ангел, Фросина и Боби со малиот Иво

Почнале со помали проекти кои требало да се направат, но сепак доволни за да се види талентот на неколкумина студенти кога се во прашање одредени иновации. Искусниот професор тоа веднаш го забележал и почуствувал дека талентот треба да се развива и надградува. Следната задача било да се направи прототип на скејт борд кој што ќе го користат деца со посебни потреби, оние кои што имаат тешкотии во движењето. По неколкумесечната работа и тој проект бил сработен од четиричлениот тим на студенти предводени од нивниот професор. Била направена конструкција на која можат да застанат вакви деца и да ја почуствуваа возбудата од возењето на скејтборд.

Оваа приказна е всушност приказна препознавањето на талентот кај младите и стимулирањето на неговиот развој. Сето ова се случило на скопскиот Машински факултет, а главните актери се професорот Атанас Кочов и студентите од четврта година: Ангел Анѓушев, Анастасија Игњатовска, Фросина Максимоска и Бобан Кусигерски.

-Со нив работевме на неколку проекти и веднаш се уверив дека кај нив има потенцијал за создавање. За секој професор е задововолство да наиде на такви студенти. Потоа останува тој талент да се унапредува, а тука е посебно важен ангажманот и на други проекти. Резултат на тоа е и проектот за скејтборд за деца со посебни потреби. Талентот најдобро се развива на таков начин. Сепак тие се многу млади, неискусни и потребна им е поддршка во секој поглед. Јас сум задоволен што помогнав да се открие и да почне да се развива нивната надареност, ни вели професорот Атанас Кочов.

Изработката на скејтбордот за овие деца почнала на почетокот на ноември минатата година. Конструкцијата е изработена од челични цевки со различен дијаметар и има четири тркалца кои ја движат во сите правци. На основата е прицврстен и скејтбордот со алпинистички јажиња кои издржуваат до 600 килограми и обезбедуваат сигурност. Малиот Иво кој прв ја пробал конструкцијата на студентите бил мошне задоволен и среќен што за првпат застанал на скејтборд.

-Главниот виновник за идејата за овој проект и формирањето на тимот е нашиот професор Кочов. Со него имавме можност да соработуваме во повеќе предмети и познавајќи ги силните страни на секој член успеа правилно да не насочи и да состави една целина која посветено работеше и ќе продолжи да работи на поставената задача. Некои од нас, минатата и оваа година, бевме дел од студентските проекти Project Hub организирани од Машинскиот факултет, па се здобивме и со практично искуство во области надвор од предвидената наставна програма. Секако, како и за сите идни инженери, најголемата амбиција за сите нас ќе биде оптимирање на тековните проекти како и развој на нови идејни решенија, ни рече студентката Анастасија Игањатовска, дел од тимот.

Студентот Ангел Анѓушев ни рече дека ова им било прв проект кој се однесувал на деца со посебни потреби.

-Претходно немавме искуства во работата со овие деца. Но, благодарение и на консултациите што ги имавме со лекарите и со други експерти дојдовме до првичното решение кое сега ќе се надградува и ќе добива нови форми. Тоа е наша заедничка желба за во иднина во која, сигурен сум, ќе имаме и нови предизвици, ни рече тој.

Посебна работа со таленти

Професорот Кочов ни наведува дека на Машинскиот факултет посебно се негува работа со талентирани студенти.

-Тоа постојано се трудиме да го унапредуваме. Имаме солидни услови за тоа благодарение и на соработка со производните компании кои ни се партнери и со кои се соработува за одредени проекти. На таков начин талентите на учениците брзо излегуваат на виделина, ни рече тој.