
Министерот за здравство Арбен Таравари и по два месеца се уште не го добил извештајот од Германија за изворот на лошата миризба во хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој денеска изјави дека и натаму ќе чека на тој извештај.
– Разговарав и со докторите таму, и со одговорните и со директорите, за да добијам информација, меѓутоа не би сакал да побрзам и да дадам некаква изјава што нема врска со вистината. Сакам да ја знам целата вистина, па после ќе кажеме. Можеби и подолг период се инсталирани тие, повеќе од 30 години, можеби е тоа причината, а можеби има нешто друго за кое што сѐ уште немам точна информација. Кога ќе имам, сигурно ќе бидете известени, рече Таравари.
По увидот во градежните активности за изградба на нов здравствен дом во општина Илинден Таравари изјави дека обврска за набавка на компресорската станица во Клинички центар ја презело Министерството за здравство.
-Се надевам дека што поскоро ќе започне процедурата, ќе се средат сите проблеми што ги имаме со хируршките сали. Ќе одиме преку јавна набавка, да биде што потранспарентно, и бараме рокови што поскоро да завршат. Можеби ќе ставиме услов тоа да заврши за 3-4 месеци максимум, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан дали е оптимист дека овој пат ќе се најде заинтересиран економски оператор, бидејќи претходниот тендер беше неуспешен, а станува збор за сума од околу половина милион евра, Таравари рече дека не може да предвиди дали ќе се јави некој, но и оти овој проблем не треба да се одолговлекува, па не исклучува и директно договарање.
–Затоа како Министерство презедовме нешто што не е наша обврска сѐ со цел да ја завршиме што побргу. Меѓутоа, не можам да кажам со сигурност дека ќе се пријави или дека нема да се пријави. Ако не се пријави, тогаш ќе одиме на опција да побараме некој којшто може да го работи и да се договориме директно, Министерството со изведувачот – појаснува Таравари.