Тажно е што се случува со македонските телевизии, се сведоа на дебати и сомнителни серии

Михајло Грбевски, поранешен долгогодишен музички новинар, смета дека македонските телевизии на граѓаните не им нудат квалитетни проиграмски содржини. Заради тоа, гледачите треба да внимаваат колкав дел од своето драгоцено слободно време ќе го потрошат пред малите екрани.

о Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
– Во последно време ретко гледам телевизија, затоа што домашните телевизиски канали не нудат нешто што го привлекуваат моето внимание. Токму поради ова, јас повеќе се насочувам да гледам странски телевизиски канали, кои за среќа денес се лесно достапни. Денес телевизијата како медиум во светски рамки, полека го менува својот програмски формат, па затоа постојат тематски телевизиски канали: дневно-информативни, научно-едукативни, спортски, филмски, музички, детски и тн. Со ваквиот формат многу полесно можеме да најдеме и да гледаме тоа што нé интересира.

о Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Тажно е ова што се случува со македонските телевизии, затоа што програмите се сведуваат на дневно-политички дебати, вести во кои повторно политиката е најзастапена, увезени серии со сомнителен квалитет, и емисии без никаков концепт.
Освен информативни содржини, телевизијата треба да го има и едукативниот момент, кој веќе подолго време го нема на нашите телевизии. Мислам дека треба да се посвети поголемо внимание на едукативните емисии, пред сé наменети за децата. Исто така, недостасуваат и емисии од културата и уметноста во кои која ќе се обработуваат сите аспекти. Но за да се постигне тоа потребно е да се има и соодветен професионален кадар, кој исто така недостасува.

о Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Секако дека Скопје е најзастепено во домашниот телевизиски етер, затоа што најголемиот процент од настаните се случуваат тука, од политички, па сé до културни и спортски. Но од друга страна, Скопје не е застапено онака како што му доликува, затоа што во него има многу други поинтересни работи, кои ретко или речиси никогаш не ги гледаме во ниту една емисија, во ниту една репортажа, во ниту еден телевизиски прилог. За тоа се виновни приватните телевизии и нивните газди кои трчаат по профит, а за жал тоа ми се случува и на државниот сервис.

о Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?
– Луѓето треба да ги избегнуваат програмите и емисиите кои имаат низок квалитет, кои за жал ги има премногу на нашите телевизиски канали. Со гледањето на таквите емисии нема да имаме никаква придобивка, туку ќе имаме само „изгубено време“. Доколку на телевизија нема ништо интересно, подобро е да се исклучи телевизорот и да се прочита некоја книга, да се отиде в театар, в кино, на концерт…