Тетовчани со протест за поддршка на обвинетиот лекар Бобан Вучевски

Неправедно е обвинет, вината е кај оние кои ја граделе модуларната болница, причина е техничка грешка за која треба да одговара некој друг…, порачаа денеска граѓани на Тетово кои пред тетовскиот суд протестираа во знак на поддршка на лекарот Бобан Вучевски. Тој е еден од обвинетите за пожарот во тетовската модуларната болница во кој животите ги загубија 14 луѓе во септември 2021 година.

Граѓаните се собраа пред денешното продолжување на судскиот процес кој започна на 7 декември. Тие сметаат дека Вучевски е неправедно е обвинет.

– Јас не сум да се амнестираат виновници, но, вистинските виновници не се кријат овде денеска во судот, тие треба да се најдат таму каде што се. Да се работи за лекарска грешка во ред, тука не се работи за лекарска грешка, за техничка грешка се работи за која треба да одговора некој друг, а тој друг се знае кој е, тоа се авторите на овие објекти што ги градат низ Македонија, изјави жител на Тетово.

Другите порачаа дека вината не е во докторите, туку во тие кои ги граделе модуларните болници.

– Тој нема никаква вина, дека вината не е докторска туку техничка, значи кога се пушта некој објект треба да биде технички се исправно, а тој таа вина ја нема и затоа ние му ја даваме поддршката. Вакви доктори нас ние се потребни, а посебно на нас тетовци, затоа што доктор Бобан навистина се грижи за сите, тој неуморно работи и тој ја заслужува поддршката од сите нас, посочи една учесничка од денешниот мирен протест.

Граѓаните го повикаа Јавното обвинителство но и судијата да размислат за нивните предлози. Инаку, за пожарот во модуларната болница, покрај лекарот Вучевски, обвинети се двајцата тогашни директори Флорин Бесими и Артан Етеми и Клиничка болница како правно лице.

Судењето, односно главната расправа, започна пред три недели, на 7-ми декември, откако од септември, па до овој месец, почетокот на судскиот процес, беше одложуван. Денеска, претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово во текот на главната расправа на судењето ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот.  Одбраната на обвинетите го оспори начинот на презентирање сметајќи дека освен цитирање на наслови треба да се образложат понудените докази. Воедно адвокатите посочија дека од листата со докази недостигаат одреден број на наслови како и дека дел од нив содржат недостатоци кои ги прават неупотребливи. Со оглед дека денеска заврши делот со презентирање на писмените докази предложени од јавниот обвинител, судијата Јордан Велковски ја одложи главната расправа затоа што не беа присутни предложените сведоци на Обвинителството.

Претходна вестМеџити: Груби и Османи со најслаби резултати, од 170 проекти на ДУИ реализирани се само два
Следна вестКапитациониот бод за матичните лекари и гинеколози се покачи на 75 денари, за стоматолозите на 61 денар