Ти си повеќе од бројка; уште една грда лицемерна лага

Колумна на Владимир Величковски:

Кога ќе се помине Монопол и поранешната Рампа се наиудува на уште еден, агресивно изменет дел од градот: архитектонско-урбанистичко, мафијашко уништување на просторот меѓу 11 Октомври и Кисела Вода. Расадник, еден од најубавите природни оази во Скопје е избришан од картата на препознатливи места. Извршена е негова „урбанизација“ со несредено поставени конфекциски дизајнирани  станбени згради кои го задушуваат просторот. Да газиш на природата и на плодна почва значи да газиш на човекот и на неговиот живот. Некој се потсети дека тука порано слетувале птици од посебен вид: тоа значи дека на поранешно Скопје само ќе се сеќаваме, избегнувајќи ги ваквите грди места. Формално, се е според законот и прописите, а во реалноста владее криминално беззаконие. Во такви услови залудна е било каква борба или протести: останува резигнираниот заклучок на архитектите дека и тука може може само нешто да се поправи, но ништо  битно да се измени. Сите ја префрлаат вината и одговорноста на некој друг и така се вртиме во кафкијански замрсениот круг на релации. Никој не мисли (од оние кои одлучуваат) на хумано живеење, најмалку на функцијата и естетиката на градот, како и на негово препознавање преку специфичностите и преку историјата на достигнувањата во науката и културата. Не гледам добра обмисленост ниту во преименувањето на улиците, а подолго време отсуствува евиденција и планирање на наталитетот итн. Поделеноста си го зема својот данок.

Изгубивме чекор со современоста и поразвиениот свет. Не смеевме да си дозволиме бришење на елементите од традицијата, вклучително модернизмот. Во растурена држава младите не го добиваат потребното: тие се одлучуваат да ја напуштат земјата, да се ослободат од стегите на „новата нормалност“, од примитивизмот, некултурата и неправдата резервирана за посиромашните. Се уште, многу погрешно се убедуваме дека работите ќе ни ги реши некој друг, или ќе се разрешат сами по себе. Светот, во ова време на корона пандемијата јасно и грубо ни покажа каде ни е местото, што не исклучува  нови понижувачки отстапки.

На постер, со повик за попис под фотографијата на дете прочитав: Ти си повеќе од бројка. Тоа е само уште една грда лицемерна лага. Кој го слуша плачот на децата и распаднатите семејства?! Најмалку министерките и полуписмените психолози и социјални работници. Деновиве река очајни и исплашени луѓе (како бегалци) одат да се вакцинираат во Србија.

По градот се посеани повеќе бронзени лавови, но не се роди човек со „лавовско срце“ и честитост. Како деца го слушавме рикот на лавовите во Зоолоша градина, особено пред земјотресот.