Тие ја метат некултурата: Сега чистиме помалку ѓубре по улиците, ама пушачите тераат по старо

 Корона вирусот не потсети дека хигиената е многу важна. Дали потсетувањето се гледа по улиците на Скопје? Ова ги прашавме најкомпетентните – комуналните чистачи во Центар.

-Во изминатиов месец како да дојде до одредена промена на подобро, ни рекоа комуналните чистачи кои ги сретнавме на просторот околу Зелено пазарче во самиот центар на Скопје.

Десетина од нив се ангажирани преку општина Центар, секојдневно да го чистаат целиот простор од зградата на Министерството за правда па се до крстосницата кај Тутунски комбинат. Голем простор кој сме биле сведоци дека е на удар на несовесните граѓани кои фрлаа отпадоци насекаде – на тревници, тротоари, автобуски постојки… 

-Има промена во однесувањето на граѓаните. Тоа го забележувам и јас и сите чистачи кои што работиме на ова подрачје. Има помалку отпадоци, помалку лименки, пластични шишиња, кеси… се она што досега редовно сме го наоѓале. Луѓето како да го сменија однесувањето, ни вели Аќиф Осман кој е на чело на оваа екипа на комунални чистачи.

Секојдневната работа им почнува наутро со празнење на корпи и со собирање на отпадоците кои останале од претходната ноќ. Секој чистач има задолжение за одреден простор. Аќиф ни вели дека помало количество на отпадоци не се должи толку на воведениот полициски час и ограничувањата, тој гледа дека граѓаните станале посвесни.

-Има помало движење на граѓани, но сепак луѓето се движат, одат по продавници, пазаруваат… Еве, тука околу Зелено пазарче, каде доаѓаат многумина граѓани, се гледа дека подобра е хигиената. Порано. Ќе седнеа некои тука, ќе јадеа и ќе оставеа зад себе мрсни хартии и кеси. Сега поретко имаме такви отпадоци, наведува Аќиф.

Сепак, вели, дека потребно е ваков однос уште повеќе да се подобри. Другите негови колеги ни рекоа дека меѓу најголемите загадувачи на околината остануваа пушачите кои насекаде фрлаат пикавци по градот наместо во канти.

-Ваква промена на односот кај граѓаните треба и да се задржи и да се подобри уште повеќе. Кризата ќе помине еден ден, но навиката да не се фрлаат отпадоци и да се чисти редовно и темелно, треба да ни остане кај сите, потенцира чистачите од Центар.

Чистачите нема време за повеќе разговор, велат, теренот е голем.

А дека имаат многу работа видовме на самото место, сепак имаше расфрланo ѓубре, имаше дури и фрлани ракавици буквално по улицата…