Точакот мора на тераса да го чувам, ама не можам терасата низ град да си ја носам

Масовно се крадат велосипеди низ Скопјe

Скопските власти нон-стоп не советуваат да се движиме низ град со велосипеди. Така било поздраво и за нас и за Скопје. Ама што правиме со фактот дека во градот се крадат велосипеди како од шега?

Украден е велосипед на 16. Март, а од полицијата се уште нема ништо ново… Мојот е украден од пети кат во влез со домофон и заклучена влезна врата… Точакот е украден во петок вечер во Дебар Маало, доколку имате било какво инфо јавете… Сето ова се само дел од објавите на фејсбук – групата „Украдени точаци“ на која очајните граѓани се обидуваат да ги пронајдат украдените велосипеди. На ова група беше споделена и информацијата дека само во последниот јунски викнед биле украдени рекорден број на точаци.

-Само викендов во Скопје се украдени повеќе од 50 велосипеди. Тоа е очигледна организирана акција на бандити, напиша во објавата Деница Бојаровска.

А вакви викенди со ептен активни крадци има често. Всушност се крадат велосипеди секој ден. Доволни се само неколку секунди да исчезнат. Надзорните камери веќе регистрираа десетици случаи на лица со дуксери, покриени со капа кои влегуваат во влезовите, на паркиралиштата за велосипеди, пред трговските центри… кои со клешти во рака го кинат заштитниот синџир и бегаат со велосипедот. Сопствениците кражбата веднаш ја пријавуват на полицијата, но од тоа малку има ефект. Податок кој го наведуваат велосипедистите е дека од украдените 1.000 точаци полицијата успева да пронајде само еден!? Инаку, една една статистика вели дека во изминативе десет години се украдени над 70.000 велосипеди, а на скоро секој велосипедист во просек му е украден најмалку еден велосипед. Сето ова кај скопјаните побудува сомнежи дека не само што се прават организирани кражби на велосипеди туку и дека полицијата недоволно ажурно се справува со ваков вид кражби.

-Точакот ми го украдоа на 20-ти ноември, а од полицијата оттогаш до сега ниту еднаш ми се немаат јавено. Верувам дека никаква истрага не е преземена ниту е вложен труд во пронаоѓањето на мојот велосипед, ни вели скопјанецот Петар Барлаковски.

Тој предупредува дека ако продолжи ваквиот однос на полицијата сосема е „нормално граѓаните да ја земат правдата во свои раце“.

-Точакот мора на тераса да го чувам, ама не можам терасата низ град да си ја носам. Два синџира му ставам и пак стрепам дека пеш ќе си отидам до аеродром, ни вели Мартин Спасевски.
Граѓаните предлагаат и мерки како да се заштитат.

-Решение може да биде и невладина организација која ќе ги регистрира броевите на велосипедите како доказ за сопствеништво и барање на истите ако некој ги украде. Велосипедистите би плаќале членарина како за АМСМ, а ова организација би нудела и добри уреди за безбедност, предлага Дамјан Димитриоски.

Дел од граѓаните се убедени дека, доколку се сака, лесно може да се открие каде завршуваат украдените точаци.

– Точаци има во Топанско поле, во еден двор во кој секојдневно има по педесетина точаци. Претпоставувам дека се распределуваат за препродавање. Пристапот до тој двор е ограничен. Мои пријатели успеале да влезат таму и да откупат точак за 3.000 денари. Другите кои отишле, вклучувајќи го и мажот ми, не успеале да влезат. Овде не е целта да се врши продажба и откуп по 1.000 туку се работи на големо. Не може ова да не го знае МВР, ни рече скопјанката Маја Трифуновска.

Џабе субвенции, кога кај крадците завршуваат
Џабе се субвенции кои градот и општините ги даваат за купување на велосипеди кога тиа завршуваат кај крадците. Доколку не се сопрат, кражбите ќе почнат да ги откажуваат скопјаните од набавката на велосипеди. Со тоа ќе пропаднат и идеите точаците да станат бројно превозно средство на граѓаните со цел да се намали аерозагадување.