Жал ми е што СДСМ излегува заштитник и покровител на сите криминали коишто ги има сторено ДУИ во минатото, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој реагира на обвинувањата од редовите на опозициската СДСМ оти поседува имот кој не го пријавил во својот анкетен лист.
Министерот рече дека очекувал да биде нападнат не од оваа, туку од друга опозициска партија откако во понеделникот МВР поднесе кривични пријави против девет лица, меѓу кои и Дрин и Бесијан Ахмети, внуци на Али Ахмети.
-Жалам што на таков низок и дрзок начин беа фрлани пердуви и беше манипулирана јавноста во текот на вчерашниот ден. Верувајте ми, вистината ќе излезе на виделина. Очекувам уште пожестоки напади, лаги и манипулации во иднина, но тоа нема да нè поколеба за секој еден од недопирливите коишто ги знае јавноста со име и презиме со докази и факти, почитувајќи ја презумцијата на невиност, биде спроведен во рамки на соодветна процесна постапка пред законот, изјави Тошковски на денешната прес-конференција по седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.
Наместо лов на вештерки како досега, рече Тошковски, во иднина врз основа на докази и факти МВР ќе ги процесуира сите постапки кои ги има за секој еден кој досега бил недопирлив и чие име и презиме не смеело да се каже во истражните органи, а не да се покрене каква било постапка.
-Секој македонски граѓанин знае кој душмански ја крадел Македонија. Моја работа како министер за внатрешни работи во рамки на надлежностите на БЈБ и сите останати институции коишто треба да работат врз основа на докази, сите овие основани сомненија да ги процесуираме таму каде што има докази да се расветлат случаите во соодветни постапки. Таму каде што нема докази – да се почитуваат сите оние процесни права коишто му следат на секој еден граѓанин, дали бил македонски или не бил македонски, тотално е сеедно, рече тој.