Родителите на 13-годишното девојче, кое беше тешко повредено во сообраќајната несреќа од 14 септември во Илинден, испратиле писмо до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со кое бараат одземање на пратеничкиот имунитет на Сашко Јанчев од Левица. Во таа несреќа подоцна почина 16-годишниот малолетник кој го управувал мопедот.
Според истрагата, несреќата се случила по полноќ во село Марино, кога Јанчев, управувајќи „Хјундаи тусон“, удрил во мопед „Јијинг“ со кој управувал 16-годишниот тинејџер. Од ударот тешко биле повредени возачот на мопедот и неговата 13-годишна сопатничка, додека сопатникот на Јанчев поминал со полесни повреди.
Во писмото, родителите изразуваат длабока загриженост поради тоа што обвинението сè уште не е поднесено, наведувајќи дека постои ризик од влијание врз судската постапка. Тие посочуваат дека пратеникот би можел да го искористи својот имунитет за да избегне мерки за обезбедување присуство или други одлуки што би ги донеле надлежните институции.
Поради тоа, од Гаши бараат случајот да биде ставен на дневен ред и Собранието да се произнесе за одземањето на имунитетот на Јанчев.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:



