Трајанов: Итно да се усвојат измените на Изборниот законик за една изборна единица

Државата треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација и промени кои ќе гарантираат коренити реформи, изјави денеска Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, во врска со измените на Изборниот законик.

Тој потсети дека Предлог-законот за измени на Изборниот законик со кои се предлага државата да биде една изборна единица,  до Собранието беше доставен 5 март 2021 година и подолго време, како што вели, е блокиран од СДСМ и ДУИ.

-Во комисиската расправа пратениците на СДСМ и ДУИ биле против измените, но на пленарната седница одржана на 14 јуни 2023 година гласаа „за“, а законот доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Трајанов.

Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање на амандмани и гласање за усвојување на измените со кои државата ќе биде една изборна единица.

– Очекуваме најитно да се одржи расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница, истакнува Трајанов.

Предлагачи на законот се: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници.

Претходна вестАмериканец освои 1,73 милијарди долари на лотарија
Следна вестПостар маж во автобус на ЈСП, фотографирал 13 годишно девојче и се допирал по гениталиите