Треба да се побрза со најавената корекција на ултиматумот за промена на регистарските таблички

Повеќе од еден месец трае големото незадоволство кај македонската јавност откако од МВР пристигна ултиматум дека до февруари идната година сите кои имаат на возилата регистарски таблички со ознака „МК“ мора на свој трошок да ги заменат за нови скапи таблици. Сега пак, повеќе од пет дена трае најавата од полицијата дека е можно да се најде друго решение, односно со налепници да се реши проблемот кој самите го створија.

Што се чека, зошто најавата на МВР не се реализира, роковите на граѓаните течат и некои ќе мора веќе деновиве да сменат регистарски таблички?

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во врска со најавеното можно решение истакна дека е во напредна фаза, но на крајот ќе се разговара на седница на Влада за конечното решение.

-Како МВР сметаме дека едно од решенијата е да се стават налепници. Со налепници практично без некаков трошок или многу мал трошок, да се задоволи тој законски момент, посочи министерот Спасовски во утринската програма на Националната телевизија.

Министерот нагласи дека најважно за МВР е да се донесе најдоброто решение.

– За нас е важно да го донесе најдоброто решение за граѓаните и да се остави опционална можност, ако сака граѓанинот да ја смени табличката, ако сака да стави налепница. Тоа би било едно од можните решенија. Очекувам дека наскоро ќе го дефинираме и ќе излеземе пред јавноста, вели министерот.

Инаку, граѓаните преку социјалните мрежи цел месец посочуваат дека промената на таблиците е непотребна и омаловажувачка, а ако власта решила да угодува на странци и ако веќе мора да се тргне „МК“ и замени со „НМК“ зошто тоа не се прави со една налепница што е далеку поедноставно и поевтино. Реагираа и транспортните организации кои имаат многу возила и би имале многу проблеми при смена на таблиците. Се појавија и петиции со кои се укажува дека ниту во самиот Преспански договор со Грција ја нема обврската да се менуваат комплетни регистерски таблички.

Според член 3 алинеа Д од Преспанскиот договор, треба да се симни само ознаката на регистарските таблици и да биде „НМ“ или „НМК“. Никаде не пишува дека треба да се сменат таблиците, се потенцира во објавата. Стоп за непотребното ограбување на граѓаните, се наведува во објавата која кружи по социјалните мрежи.

Од друга страна, граѓаните тврдат дека нема потреба промената да биде на нивен трошок бидејќи тие веќе еднаш платиле за да ги добијат табличките кои сега се во нивна приватна сопственост.

Оттаму, и не зачудуваат бројните реакции на граѓаните по повикот на МВР. Стотици и стотици нивни коментари се напишани на Фејсбук-странцата на „Скопско Ехо“ како израз на противење на ваквата одлука на властите.

-Зошто не се без пари табличките? Народот не бараше да се смени името, напротив 80 отсто од луѓето не беа да се смени името на државата. Сега државата нека ги менува сите документи на нејзин трошок. Во едно 4-члено семејство, а некаде има и повеќе да се менуваат сите документи, тоа се големи пари, напиша една граѓанка.

-А бре, што ќе менуваме таблици и броеви? Нека најдат решение на постоечките да се става налепници. Или, нека направат бесплатни со нашите постојни броеви, смета наша читателка.

-Со 50-100 денари за налепница се ќе се заврши, нема потреба од целосно менување. Само една маркица нека ни дадат ќе си ја залепиме и толку поевтино нема, вели друг граѓанин

Еден граѓанин напиша дека таблиците се приватна сопственост на граѓаните.

-Ова е безобразие. Штом еднаш ја платам таблицата е моја, како на Запад (нели ние се стремиме кон нив). Дали е возилото отуѓено или нерегистрирано таблицата си (треба ) да останува во сопственикот затоа што си ја платил. Но, неписмени и несплотени сме како народ и кој стигна ќе си поигрува со нас и нашите финансии, порача тој.

Другите граѓани во свои коментари укажуваат дека сето ова е со целта да се наполни државниот Буџет и нечии џебови.

-Буџетот е празен треба народот да го полни, напиша еден читател.

-Ќе ни ги платат ли одземените таблици, прашува друг.

Сепак, еве власта најави дека ќе се корегира. Но кога? Мора да побрза со новото решение, затоа што старата одлука трае и ги приморува граѓаните да сменат таблици.

Претходна вестФудбалерот Мирчевски, еден од петмината херои, кои си го ризикуваа животот за да спречaт катастрофа на пат во Србија!
Следна вестКовачевски: Нема одложување на уставните измени