Требаше да поминат три децении: Поранешните воени станови ќе можат да се откупат

Припадниците од Министерството за одбрана и од Армијата кои речиси три децении живеат во станови добиени од фондот на поранешна ЈНА, без право да добијат сопственост, отсега ќе имаат можност да ги откупат. До 15 јануари 2022 ќе треба да поднесат барање за откуп на станот до комисијата формирана во рамки на Министерството за транспорт и врски.

Право на откуп ќе имаат оние лица кои имаат решение за користење на станот, а се државјани на Северна Македонија, лица кои се или биле вработени во Министерството за одбрана и во Армијата најмалку десет години или се стекнале со право на пензија, како и лица од семејства во кои сопственикот е починат, но имаат документ за користење на станот.

Со барањето за купување на станот, треба да се поднесе и решение за користење на станот, фотокопија од лична карта, уверение за државјанство, потврда од Агенцијата за катастар на недвижности со кое се потврдува дека корисникот нема стан или куќа во своја сопственост или во сопственост на член од неговото семејство, како и потврда од Министерството за одбрана дека корисникот е во работен однос во МО и во АРМ најмалку десет години.

Документацијата се доставува во оргинал или копија заверена на нотар, не постара од шест месеци, а продажната цена на станот, се утврдува врз основа на градежната вредност, трошоците за уредување на градежното земјиште, местоположбата и амортизацијата на станот. Цената ја утврдува АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Право на откуп ќе немаат оние корисници на станови кои веќе имаат стан или куќа во лична сопственост или во сопственост на некој член на домаќинството.

Корисниците на станови кои нема да поднесат барање за откуп, ќе случат договор за закуп, односно договор за користење со месечна кирија што ќе ја определи АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Корисниците на станови од поранешна ЈНА досега ги користеа становите без право да се стекнат со сопственост.

Претходна вестДоаѓа постудено време, но само до викенд
Следна вестДве Македонки во Врање: Зеле потврда, а не примиле вакцина – фатени се на Прешево и казнети со по 500 евра