Вежбам дома и едвај чекам да се вратам на натпреварите во шпанската лига

Беше буквално како на филм. Беше 13 март, петок, и утрото имавме тренинг, потоа пишувавме домашни, а тогаш туторката не извести дека најверојатно ќе треба да одиме дома. Најдовме карти за утредента од Барцелона, но потоа дојде вест дека ќе ја затворат Каталонија и испаничени решивме да тргнеме веднаш околу 9. Успеавме да се качиме на авион за Белград и потоа за Скопје. Вака своето враќање од Шпанија ни го опиша Стефани Костова, 17-годишна кошаркарка за чии успешни настапи во екипата на „Депортиво Промете“ од градот Логроњо веќе пишуваше „Скопско ехо“.

Во оваа земја илјадници граѓани заболеа од корона вирисот и илјадници починаа. Наша млада кошаркарка, која повеќе од година дена настапува за овој клуб во категорија под 18 години немаше друг избор освен да се врати во својот град Скопје.

-На последниот тренинг на 9 март тренерот ни рече да се чуваме од корона вирусот, да бидеме на дистанца од луѓето. Утредента и директорот во школото во кое учам ни рече дека е прекината наставата. Вирусот веќе зафати неколку градови околу нашиот и се очекуваше и кај нас. Од клубот ни направија програма за тренинзи дома, ни рекоа да учиме и да не излегуваме надвор. Се откажаа сите натпревари, ни раскажува Стефани.

Наредниве неколку дена останала дома и се надевале дека ситуацијата ќе се врати во нормала. Но, тоа не се случило.

-На никој не му беше јасно што се случи така наеднаш со оглед на тоа што Италија беше заразена веќе неколку недели, скоро месец пред Шпанија. Мислам дека вирусот се рашири толку брзо затоа што луѓето не го сфатија ова за сериозно и затоа што никој не очекуваше дека состојбата ќе стаса до таму. Една од причините е и непочитувањето на мерките. За среќа, никој од моите блиски, ни од клубот не е заразен, ни вели Стефани.

По поминат карантин таа сега е дома со своите, но и недостасува кошарката. Вежба во домашни услови, но и недостасуваат тимски и динамични тренинзи бидејќи никогаш до сега немала ваква пауза. Најмногу и недостасуваат натпреварите.

-Паузата и не е лоша за да човек размисли што навистина сака во животот. Ова ми е само уште една потврда за да сфатам дека кошарката е единствена работа што ме прави среќна. Ова беше моја најуспешна година, дури се прашував дали е вистина, ни вели таа.

Во јуниорската лига нејзината екипа била прва уште од почеток на годината. Во април требале да играат финални натпревари за да ја потврдат титулата. После ги чекаа натпреварите на ниво на Шпанија. И со постариот тим, за кој исто така настапува, требаше да игра финални натпревари.

-Сите овие натпревари ми беа мотивација, но се откажани. Многу ми е криво и тешко да сфатам дека ништо од тоа нема да се случи, но има една работа што е пред се и што е најбитна во моментов, а тоа е здравјето, искрено си кажува Стефани.

Таа сега нема информации што и како натаму ќе се случува. Но ги следи сите информации за справувањето со опасниот вирус во нашата земја и во Шпанија. Но, тренирањето не го запира. Кошарката е дефинитивно нејзин избор и тој ќе остане и во иднина.