Тренирам на импровизиран кош во дворот, планирам да се вратам во Италија

Мислам дека никој на почетокот не сфаќаше колку е сериозна ситуација со корона вирусот во Италија и дека никој не беше свесен за опасноста. Но, како што се ширеше вирусот, како што се преземаа мерки за ограничување на движењето така се и сфаќаше што се случува и каква опасност се заканува. Со овие зборови македонскиот кошаркарски талент 17-годишниот Богдан Мирковски, кој до март беше во италијанскиот град Канту, каде играше за истоимениот кошаркарски клуб ни ја опишува ситуацијата во замјата која е меѓу најпогодените со опасниот вирус.

Богдан сега е вратен во Македонија, во Скопје, каде чека да заврши кризата и каде тренира колку што може, и планира да се врати во Италија.

-Во Италија бев до 10-ти март. Откако се затворија училиштата веќе ние од клубот бевме во карантин во станот. Единствено јас со возач можев да излезам од станот да ме однесе на тренинг и назад. На 4-ти март веќе официјално се забранија и тренинзите на сениорите и престанав да тренирам поради што почнав да размислувам за враќање назад во Македонија. Интересно, таму немаше голема паника во тој период, ни раскажува Богдан.

Тој вели дека градот Канту, иако се наоѓа во Ломбардија која е во регионот на северна Италија и кој е најпогоден со вирусот, во тој период немало заболени од Ковид – 19.

-На 10-ти март едвај излегов од Италија бидеќи веќе беше прогласена црвена зона. Со организиран превоз со комбе се вратив во Македонија и од границата веднаш се упатив во Охрид во посебен стан за да се изолирам од домашните, каде што пристојував 25 дена. Потоа се вратив дома во Скопје каде што се уште сум, ни вели Богдан.

За неговиот кошаркарски талент „Скопско ехо“ веќе пишуваше. Тој е и македонски кошаркарски репрезентативец. Инаку, сега договорот со Канту му е истечен и Богдан ни вели дека се уште не знае каде ќе продолжи.

-Пред извесно време од клубот ме известија дека сезоната е завршена официјално. Од тогаш немам никаква најава за во иднина бидејќи уште ништо не се знае. Контактирам со соиграчите и среќа е што никој од нив не е заболен. Мојот договор со Канту беше на три години и званично заврши. Но, моите планови се од септември да се вратам пак во Италија во нов клуб доколку, се разбира, се нормализира ситуацијата, ни вели тој.

Богдан додава дека оваа пауза многу ги наруши неговите лични планови и плановите на неговиот клуб.

-Бевме првопласирани во групата и имавме цел да ја повториме 2017-2018 година кога бевме шампиони. Оваа ситуација ги наруши и плановите со нашата македонска репрезентација бидејќи ова лето требаше да настапуваме на европското првенство во Романија. И најмногу жалам поради тоа, наведува овој талент.

Сега, додека е во Скопје Богдан за да ја задржи формата, се придржува на распоредот на вежбите кој му го дале во клубот.

-Секој ден се држам точно до распоредот. Самиот ги поделив активностите во два дела: наутро вежби за одржување на телото, а попладне вежби со топка на импровизиран кош во мојот двор. Убеден сум дека кога ќе заврши ова брзо ќе се вратам во вистинска форма. Сите одвај чекаме да и се вратиме на кошарката, потенцира талентираниот Богдан.