Тргнува враќањето на приватните превозници во јавниот градски превоз

Од денеска стартува враќањето на приватните автобуски превозници во системот на јавниот градски превоз во Скопје по нивно неколкумесечно отсуство. Градот Скопје денеска распишa нов повик за вклучување на приватните автобуски превозници во јавниот превоз. До ова доаѓа откако претставници на приватните превозници на 1 март по средбата со градоначалничката Данела Арсовска објавија дека е постигнат договор и оти ќе се пријават на повикот.

– Постигнат е договор со Градот Скопје, ги договоривме сите детали, од исплатата на долгот на ЈСП од 1,5 милиони евра, до пуштањето на јавните повици. На тој јавен повик ќе се пријавиме сите, нема причина да не се пријавиме, условите ни одговараат – изјави превозникот Јовица Зафировски по средбата.

Со јавниот повик се бараат превозници на дури 16 линии. Линиите се поделени во три пакети, за кои се наведени и минималните потребни техничко – технолошки елементи за одржување на линиите.

Според огласот, во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.

Приватните превозници, кои имаат ново координативно тело за преговори, се надеваат дека ќе се вратат во сообраќај до 20-ти овој месец.

Градот Скопје претходно соопшти дека на овој јавен повик нема да можат да учествуваат „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ поради пречките кои произлегуваат од претходниот раскинат договор кој предвидуваше забрана за учество на јавен повик доколку договорот се раскине пред истекот на истиот и по нивна вина.

Во соопштението Град Скопје посочува дека нема никаков долг кон превозниците, и оти договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на градот.

– Што се однесува до тековните обврски од ЈСП Скопје кон приватните превозници, истите ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз – се вели во соопштението.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа главниот град.

Претходна вестСончево со мала до умерена облачност, температури до 17 степени
Следна вест„Лајка“ од денеска заловува кучиња во Аеродром